РАСИПАН ТЕЛЕФОН

Фестивалот "Цветници" на Уставен суд

    1. Кој рано рани – останува ненаспан. Нашиот амбасадор во ОН Денко Малес­ки сигурно цел ден беше мамурен откако претседателот на Собранието Стојан Андов му се јави во време кога Њујорк уште дебело спие, за да си го честитаат воспоставувањето директни телефонски врски меѓу САД и Македонија.
    На свеченоста по повод пуштањето на сателитската станица уште еднаш беше потврдена нашата ориентација за изградба на тесни врски со Американците. Во кусиот телефонски разговор на тема “Да не те разбудивме случајно во шест саат сабајле?”, претседателот Андов во една реченица ја отслика актуелната глобална политика на македонската држава: “Одиме напред, заедно со Америка!”
    Амбасадорот Малески на ова остана без збор. Тој знае дека ние одиме дури и понапред од оние преку Атлантикот. Со времето. Шест часа сме пред нив.
    Штета што министерот за односи со странство Стево Црвенковски не е ранобудник. Инаку Андов ќе можеше да се слушне и со него. Којзнае, можеби така полурасонет ќе ни раскажеше нешто за разговорите со Венс. Сега барем имаме директна врска со Њујорк. Не мора да одиме преку Атина.

    2. На разговорот се радуваше и директорот на ПТТ Иван Гиновски. Врската меѓу ПТТ и АТТ е уште една можност директорот да се пофали дека поштата успеала да ја поврзе Македонија со светот.
    Нашата пошта е предодредена само за големи успеси. И за разговори помеѓу политичари на големи растојанија. Затоа во Скопје не може да се телефонира ни до соседната улица. А да не зборуваме за некоја пооддалечена населба или, не дај боже, некој град во внатрешноста. На пример, дали поштата ќе смета за свој голем успех ако на некој што ќе умре, затоа што нема да може да повика Брза помош поради блокираните линии, му ги исплати барем трошоците за погреб.

    3. Којзнае, можеби тој ден и Андов безуспешно се обидуваше од Драчево да му телефонира на Киро Поповски за да му каже како да ја прекине седницата на Собранието. Таму си играа расипан телефон. Па Мухамед Халили, за да ѝ даде конструктивен тек на расправата, си се појави на говорницата и му ги покри микрофоните на Тодор Петров. Па сега покрај расипани телефони ќе имаме и расипани микрофони. Сите зборуваат. А никој никого не слуша.

    4. Можеби е подобро што е така, зашто, не дај боже, судиите од Уставниот суд да слушнат на кој јазик зборуваат пратениците. Веднаш ќе утврдат дека го кршат членот 7 од Уставот. Ретко кој од нив се однесува уставно и го употребува како што треба службениот македонски јазик. Сите си зборат на некои свои дијалекти. А богами и судиите ќе треба да си пресудат самите на себе.
    Како што пресудија со регистарските таблички на возилата. Баш направија добра работа. Се вклучија во програмата за санација на скопската железарница. Сега ќе треба да произведува нови лимови, за нови таблички. А ако сакаме да бидеме и наши и европски, па на исто место да ставаме и латиница и кирилица, ќе ни требаат големи табли. Железарците уште ќе почнат да остваруваат и профит.
    За очекување е сега пред Уставниот суд да се најде и предмет од пејачите на народна музика. На фестивалот “Цветници” не смее да се појавуваат пејачи постари од четириесет години. Што е во директна спротивност со уставното начело дека сите граѓани на Република Македонија се рамноправни. Еве уште една шанса Уставниот суд да се прослави.
    Уште сега можам да си замислам каква одлука ќе биде донесена. Ќе можат да пеат сите. Во спротивно имаме една интересна ситуација. Според Уставот, канди­дат за претседател на Република Македонија не може да биде помлад од четириесет години. Значи, ниту еден пејач или пејачка на народна музика од “Цветници” не може да се кандидира за претседател на Републиката. Ама и претсе­дате­лот на Републиката нема право да пее на “Цветници”.

    5. Конвојот со опремата за американските војници во Македонија, што беше блокиран во Бугарија, конечно влегол во нашата земја. Ама за тоа никој не се заинтересирал. Петнаесетте шлепери со воената опрема не ги пречекал никој, па сами си го побарале патот до аеродромот “Петровец”. Дури на наплатната рампа на автопатот и си ја платиле патарината.
    Задутре Глигоров ќе оди за Бугарија. Ама за секој случај со себе си го носи стручњакот за источниот коридор министерот Јован Андонов. Да ургира на самото мес­то во случај да ѝ бараат на македонската делегација некои дополни­телни давач­ки. Кој ги знае бугарските полицајци? Ќе го возат Глигоров брзо по улиците низ Софија, па ќе му бараат да плати казна.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира