1. Добро е што претседателот Глигоров не беше во историска посета на Америка. Или, скраја да е – во Австралија. Ќе останевме ненаспани. Кога државната телевизија ѝ даде толкав публицитет на посетата на Бугарија, може да се замисли како ли ќе го покриваше претседателот да отидеше во некоја друга држава.
Во вторникот цел ден го имавме Глигоров на екранот. Прво, директен пренос од бугарскиот парламент. Па вести на сите јазици на националностите. Па централни вести. Па “Глобус” и уште еднаш говорот во бугарскиот парламент, па цела прес-конференција во Софија, па накрај последни вести и резиме на целата посета. Во меѓувреме, некаде пред полноќ, од пат, директно во студиото се јави репортерот на МТВ и ѝ соопшти на нацијата дека штотуку ја минал границата и патем даде осврт на посетата “од лице место”.
Да беше Глигоров во Америка, сé ќе беше поинаку. За да нé држи телевизијата во тек со сите настани врзани за посетата на претседателот, поради временската разлика ќе мораше да работи цела ноќ. И сите ќе го чекавме јавувањето на специјалниот известувач. А тој ќе имаше голема мака. Лесно е да се јавуваш од Бугарија. Ќе го преминеш Деве Баир и готово. Замислете да мораш да се јавуваш откако ќе ги поминеш сите граници на враќање од Америка. А да не зборуваме, од Австралија. “Штотуку влеговме во воздушниот простор на Индонезија”.
2. А и ние па сме нашле со Бугарите да расправаме лингвистичко-политичко-историски теми. Тие и за францускиот јазик ќе кажат дека е дијалект на бугарскиот. На пример, зборот “мерси” е чист бугарски збор. Или на пример “гара”. А и проститутките во хотелот каде што биле сместени нашите новинари пиеле строго “френски виски”. Демек – коњак, преведено на македонски. Што ќе правиш, “од Черното Море, па до Бретања еден народ живее”.
Само ова “френски виски” е малку сомнително. Ај “френски” – разбира се зошто се употребува, ама – “виски”!? Значи, ова Бугарите отсекогаш фрлале окце на туѓи територии. “Ми ште литнем срешту Англија”. Шкотите нека си се преиспитаат.
3. Кој вели дека посетата на претседателот Глигоров на Бугарија не била историска? Ете, Бугарите ги менуваат своите кирилични регистарски таблички. За прв во историјата пат воведуваат латиница.
4. Не знам дали нашите пратеници, кога приредуваат приеми за новинарите во своите станови, како што ни кажа министерот Туше Гошев во интервјуто за “Вечер” во понеделникот, пијат френско виски, шкотско виски или тиквешко виски. Ама, откако ги прочитав објаснувањата на министерот зошто им се на пратениците толкави општествени станови, дефинитивно знам која ми е целта во животот.
Од денес ќе почнам да гледам во небо. Ќе чекам да падне некоја ѕвезда. А јас ќе си замислам желба. Да ме викне на прием некој пратеник во општествениот стан. Па јас не сум знаел каде е главното место за забава во Скопје. Џабе шетам по кафулиња и дискотеки. Наместо да одам на прием, да речеме кај Наќе Стојановски. Или кај Љупчо Георгиевски, да не помислат дека сум партиски определен. Настрана што на тие приеми, за кои зборува министерот Гошев, можат да се научат корисни работи. Како на пример – како да добиеш стан за приредување приеми.
Бидејќи имало уште станови, а министерот се жали дека сите биле готови, предлагам на секој пратеник да му доделат по два стана – еден за живеење, а друг за приеми.
Има и друга варијанта, ама бидејќи е многу штедлива, не знам дали ќе им одговара на нашите пратеници, кои по своите Демир Хисари, Тетова и други градови навикнале на луксузен живот, па без приеми не можат да дишат. На секоја пратеничка група нека ѝ доделат по еден стан за приеми на новинари.
Има уште поштедлива варијанта: за цел Парламент – еден стан. Ама не сме баш толку сиромашни. Башка, пак можеме да направиме мораториум на приемите, бидејќи како што прават блокада на Парламентот, пратениците ќе го блокираат станот. Среде седница Мухамед Халили излезе на говорница и ги исклучи микрофоните. Така може да ја расипе и забавата во станот. Ќе дојде и ќе ја исклучи музиката.
5. При неодамнешната посета на Романија, Милошевиќ ја обелоденил идејата за балканска конфедерација, се разбира без Македонија, односно преку Македонија. Во неа би влегле Југославија, Романија, Бугарија, Албанија и Грција.
Имаше во историјата некој Букурешки договор. А познато е, Милошевиќ сака да ја враќа историјата назад.
6. Досега имаше спор меѓу Прилеп и Куманово – каде пукнала првата пушка на 11 октомври 1941-та? Овојпат дилеми нема. Првата бомба пукна во Куманово.