Градоначалниците на седум германски градови побараа од федералната влада да им дозволи да примат деца кои моментално се наоѓаат во бегалски кампови во Грција.
Апелот го потпишаа градоначалниците на Келн, Диселдорф, Потсдам, Хановер, Фрајбург, Ротенбург и на Франкфурт, како и министерот за внатрешни работи на Долна Саксонија, Борис Писториус. Ова уследи два дена откако Бундестагот го одби предлогот да се примат илјадници малолетни баратели на азил, сместени во бегалски кампови во Грција.
„Ситуацијата на грчките острови драматично се влоши во изминатите денови. Овие пренатрупани кампови со ужасни услови станаа неиздржливи за деца и жени“, се вели во заедничката изјава на градоначалниците.
Во писмото се наведува дека околу 140 германски градови и заедници се прогласиле за „сигурни засолништа“, сакајќи да помогнат на уште бегалци.
„Овие градови се подготвени веднаш да примат 500 деца на возраст до 14 години, кои се сместени во неприфатливи услови на грчки острови. Предност би имале деца чии родители не се живи и кои се сами во овие кампови“, се вели во писмото.