Министерството за внатрешни работи ги предупредува корисниците на социјални мрежи да не споделуваат и шират непроверени, односно лажни вести околу коронавирусот, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. Од МВР велат дека таквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани, затоа што на тој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника.
„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните – корисници на социјалните мрежи да не споделуваат и шират непроверени односно лажни вести околу вирусот Ковид-19, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. Лажните вести кои создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести“, се вели во соопштението на МВР.
Оттаму апелираат до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции и за сите потребни информации да се обратат до Министерството за здравство, секторот за односи со јавност во Владата или останатите релевантни институции, кои постојано ја информираат јавноста со обновени податоци неколку пати во текот на денот.