СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ, СО ПОМОШ НА КОАЛИЦИЈАТА НА СДСМ, ИЗГЛАСАА ДА ПРОДОЛЖИ ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА НА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ОХРИД, ПРИВРЕМЕНО СТОПИРАНА ПОРАДИ УНЕСКО

СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ, СО ПОМОШ НА КОАЛИЦИЈАТА НА СДСМ, ИЗГЛАСАА ДА ПРОДОЛЖИ ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА НА ДИВОГРАДБИТЕ ВО ОХРИД, ПРИВРЕМЕНО СТОПИРАНА ПОРАДИ УНЕСКОМораториумот на донесување и спроведување на урбанистички планови беше донесен по препорака на Владата додека да се донесе Планот за управување со природното и културно наследство, со кој се обезбедува имплементација на препораките на УНЕСКО. - Од денешната седница на Општина Охрид (Фото: Општина Охрид)

Советот на Општина Охрид на денешната седница не го прифати предлогот за времен прекин на постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, со што делумно ќе продолжеше мораториумот на донесување и спроведување на урбанистички планови, донесен лани во август.

Предлогот на градоначалникот Константин Георгиески за правниот статус на бесправно изградените објекти не помина откако против гласаа опозицијата која ја сочинуваат советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како и тројца советници од коалицијата на СДСМ, меѓу нив и од ДУИ. Еден од нив е Нефи Усеини, сопственик на градежна фирма кој има изградено неколку спорни објекти меѓу кои е и дивата тераса на неговата пицерија кај Чинарот.

„Во најголем број точките од дневниот ред се однесуваа на усвојување на извештаи за работата на општинските сектори и одделенија, јавните претпријатија, училиштата и Територијалната противпожарна единица. Сите точки на дневниот ред беа усвоени, освен дополнителните, кои се однесуваа на предлозите за изработка на локална урбанистичка планска документација во КО Долно Лакочереј и одлуката за времен прекин на постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти и начинот на спроведување на постојните урбанистички планови“, соопштија од Општина Охрид.

Мораториумот на донесување и спроведување на урбанистички планови беше донесен по препорака на Владата додека да се донесе Планот за управување со природното и културно наследство. Мораториумот во Охрид беше со важност од шест месеци и истече во февруари, а Владата го донесе Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029) на 21 јануари. Со владиниот план се обезбедува имплементација на сите препораки на УНЕСКО.

„Во Планот се прецизираат забранетите активности во соодветните заштитни зони и се утврдија идните специфични планови и истражувања што се неопходни за обезбедување на одржливиот развој на подрачјето на доброто. Со предложените мерки ќе се зајакне институционалниот капацитет за одржливо управување на заштитеното светското природно и културно наследство во Охридскиот регион“, соопшти тогаш Владата.

Со планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион, се дефинира строга заштитна зона во крајбрежјето околу која не смее да се гради, а сè што досега е направено во неа ќе се стави под контрола, рече Ана Петрова, државен секретар во Министерството за животна средина на 2 октомври кога планот беше презентиран и пуштен на двомесечна јавна расправа.

„Планот е многу важен дел од препораките од центарот на УНЕСКО. Кога ќе се донесе може да заврши прогласениот мораториум. Голем е предизвикот со одредбите на планот да воспоставиме контролирана урбанизација. Тоа го правиме со соодветно зонирање и тоа прва строга заштитна зона во крајбрежјето со ширина од 50 метри сметано од границата на катастарска парцела еден на еден, односно Охридско Езеро. Оваа зона овозможува се она што е недопрено да не смее да се гради, и сè што има направено трансформација ќе се стави под контрола“, рече тогаш Петрова.

Д. ЧУБРИЌ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира