Првата тура од над 200 заглавени патници на различни граници кои пристигнаа вчера, а кои беа сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак, во текот на денешниот ден ќе бидат преместени на нова локација, соопшти Министерството за одбрана.
„Како што известивме вчера, Центарот за обука во Пепелиште е само привремен простор каде треба да се извршат епидемиолошките прегледи согласно медицинскиот протокол. Тимот на Министерството за здравство утрово ќе ги заврши прегледите по што веднаш лицата ќе бидат преместени во реновираниот Завод во Демир Капија“, вели Министерството.
Вчера, Филипче кажа дека овие луѓе се враќаат во земјава од ризичните подрачја, како Италија и Австрија, и поради тоа треба да бидат ставени во карантин.
На прес-конференцијата на 7 март, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека во реновиран, нов оддел во Демир Капија од Министерството за труд и социјала, има спремено објект за изолација, како истурен дел на инфективните оддели на Штип, Велес и Гостивар.
С. К. ДЕЛЕВСКА