САД се ближат кон билансот на Кина откако во оваа земја се регистрирани 3.170 смртни случаи од КОВИД-19.
Италија и Шпанија, двете најпогодени земји во Европа, веќе ја надминаа Кина, каде што се потврдени нови 48 случаи на коронавирус, но сите лица дојдени од странство. Во Вухан, од каде што коронавирусот се прошири низ светот, веќе една недела нема нов случај на зараза.
„Иако најголемото внимание сега е свртено кон Европа и Северна Америка, пандемијата е далеку од завршена во Азија. Ова ќе биде долготрајна борба и не смееме да попуштиме. Потребно е секоја земја да одговори согласно локалната ситуација“, соопшти Светската здравствена организација.
Гувернерот на сојузната држава Њујорк, Ендрју Куомо, кажа дека на САД им се потребни еден милион здравствени работници.
„Ве молам, дојдете да ни помогнете! Изгубивме над илјада њујорчани. За мене, бројките веќе се огромни“, кажа Куомо.
Повеќе од 235 милиони луѓе живеат во 33-те американски сојузни држави во кои што гувернерите издадоа мерки на вонредна состојба.
Во Германија во последните 24 часа има 4.615 нови случаи на коронавирус, со што вкупната бројка порасна на 61.193, објави институтот за заразни болести „Роберт Кох“. Досега починале 583 луѓе. Институтот беше критикуван дека бавно ги обновува податоците, па според универзитетот Џонс Хопкинс во земјата има 67.051 заразен и 650 починати.