Потврдени се 48 нови случаи на КОВИД-19 во изминатото деноноќие и со ова вкупно во земјата се 711 дијагностицирани пациенти, објави на Фесјбук министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот утрово кажа дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се во 14-дневна домашна изолација по ТВ-интервју со новинар заразен од коронавирус. Тестот на Христијан Мицкоски е негативен, а резулатите од тестот на Зоран Заев се очекуваат околу 16 часот.
„Веднаш по добивањето на резултатите ќе одржам прес-конференција да ги соопштам деталите, како и да информирам за состојбата и актуелните прашања со коронавирусот во земјата“, објави Филипче.
И Заев и Мицкоски денеска на Фејсбук објавија дека немаат симптоми и дека се во добра здравствена состојба, но ќе останат во самоизолација до истекот на 14 дена од последниот контакт со заразениот.
Во однос на дневната статистика, новодијагностицираните пациенти по градови се од :
– Скопје – 11
– Куманово – 25
– Штип – 1
– Прилеп – 4
– Тетово – 1
– Струга – 3
– Охрид – 1
– Гостивар – 2
Во текот на изминатото деноноќие се направени и рекорден број на тестови, 496.
Денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со два негативни теста на КОВИД-19 се испишани 3 оздравени пациенти, двајца од Тетово и еден од Куманово. Два пати негативен и оздравен е пациент од Скопје кој се лекуваше во домашни услови.
Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, во денешната статистика ќе бидат евидентирани 2 претходно починати лица. Едно лице од Лабуништа – Струга (63) за кое Министерството информираше на 5 април. Пациентот беше донесен во тешка состојба на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а неговиот тест е изработен постмортем. Во денешната статистика на ИЈЗ ќе биде евидентиран и починатиот притвореник од Истражниот затвор во Шутка, за кој информираше Филипче вчера. Вкупно починати се 32.
- ЗАЕВ И МИЦКОСКИ ВО САМОИЗОЛАЦИЈА ПО ИНТЕРВЈУ СО ТВ НОВИНАР ПОЗИТИВЕН НА КОРОНАВИРУС, МИЦКОСКИ Е НЕГАТИВЕН, ЗА ЗАЕВ СЕ ЧЕКА РЕЗУЛТАТОТ
- ПРВИОТ ТЕСТ НА НОВИНАРОТ НА КАНАЛ 5 ЗАБОЛЕН ОД КОВИД-19 ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА БИЛ НЕГАТИВЕН
Б. НЕСТОРОСКА