Десетина пцовисани свињи се наоѓаат на патот помеѓу селата Мамутчево и Иванковци. Таму биле повеќе денови. Од нив се шири смрдеа и е лошата глетка за минувачите.
„Мртвите свињи се таму од петокот. Беа повеќе а преку викендот волците некои од нив, помалите најверојатно ги изеле. Тука мине река и во време на африканска свинска чума сме загрижени. Во круг од неколку километри нема свињарска фарма во близина, така што не знаме кој може да го стори ова“, велат мештаните на село Мамутчево.
Реакциите на мештаните стигнале и до локалната власт, од каде денес на терен беше надлежен инспектор, заедно со ветеринарна инспекција. Пребројале дека има 11 пцовисани свињи, фрлени од засега непознат сторител.
„Не констатиравме трагови дека имало повеќе умрени свињи, како што тврдат мештаните. Надлежната инспекција ќе земе примероци од пцовисаните животни да се испита од што умреле. По насоките добиени од државната ветеринарна инспекција, угинатите свињи ќе бидат закопани во близина, гробницата дезинфицирана, исто како и местото каде се сега. Оваа обврска ќе ја изврши ЈКП Дервен“, изјавија од Општина Велес.
П. ПЕЧКОВ