1. Меѓу двата изборни круга, минатата недела, почна да се гради патот Титов Велес – Прилеп, преку Бабуна. Пред првиот изборен круг свечено започнаа работите на пругата кон Бугарија. Некако во исто време ја пуштија и третата лента на преминот Деве Баир. Тука некаде се провлече и отворањето на хируршкиот Ургентен центар на Медицинскиот факултет во Скопје. А за чудото невидено, како под Вардар се поставуваат 120 метри гасовод, за што се собраа толку сеирџии и се изнагледавме долги ТВ прилози, небаре го пробиваме тунелот под Ла Манш, а не поставуваме цевки за гасовод во близина на една скопска населба, ич муабет да не правиме.
Не сакам да бидам злобен, ама, можеби, би можело да се направи поништување на изборите во повеќе изборни единици. И тоа по неколкупати, прво првиот, па потоа вториот круг. Како решиле да ја вработуваат градежната оператива токму во екот на изборните активности, не ќе беше лошо да започнеа уште некое проектче. Еве, на пример, следната недела нека почнат да ја реконструираат пистата на скопскиот аеродром. Ако даде господ да има повеќе приговори на регуларноста на изборите, можеби ќе има преповторувања и во наредните три-четири недели. За тоа време може да се организира едно свечено поставување темелник на хидроцентралата “Чебрен”. За овие избори – толку. Пругата за поврзување со Албанија ќе ја оставиме за следните избори. Редовни, или вонредни – да сме здрави и живи, ќе видиме.
2. Повеќенаменскиот карактер на запалките што партиите ревносно ги делеа како пропаганден материјал дојде до полн израз помеѓу двата изборни круга. Меѓу другото и за палење свеќи. Велат, за судбината на Македонија. Аман немој, само што не пуштив солза. Или, за да се осветли македонската пролет. Мислам, јасна ми е симболиката, ама некако ме враќа назад. Ако сме дошле до таму да си ја осветлуваме демократската иднина со светлина од свеќи, тешко нам. Искрено, повеќе ќе ја разберев симболиката, ако веќе осветлувањето на македонската пролет беше направено со десетици рефлектори и силни неонски светла. Барем да се видиме меѓу себе и да знаеме каде одиме. Освен тоа, како им падна на ум идејата со свеќите на луѓето што до завчера и палењето свеќа на гробот на некој близок го сметаа за идеолошки грев?
3. Оние што одат на сигурно, во паузата меѓу двата круга ја открија компаративната предност на пенкалцата пред свеќите. Пенкалцето продолжува да функционира колку и да дуваш во него. Затоа, а можеби и не сакајќи да си играат со оган, измислија пропаганден материјал со отпечатени имиња на кандидатите за пратеници врз обични, пластични хемиски пенкалца. Всушност, тоа и не е лоша идеја. Ако си нарачаш пенкалце со своето име, барем си сигурен дека никој нема да ти го украде.
Арно ама, кога се работи за пенкалцата со имињата на кандидатите за пратеници, тоа има веќе многу подлабоко и посуштинско значење. Еве, на пример, пенкалцето може да се носи во левиот џеб од кошулата. И тогаш можеш да речеш дека “тој и тој” или”таа и таа” – кандидат за пратеник во таа и таа изборна единица под реден број тој и тој ми е многу близок до срцето, или “на срце ми лежи”… Ако кандидатот не го цениш премногу, можеш со пенкалцето да си ги чепкаш ушите. Ако станува збор за некоја сексуално атрактивна личност, можеш неа, пардон пенкалцето, да го галиш со раката. Може и да го подаруваш, да оди од човек на човек. Пенкалцето некои го наденуваат зад уво. Па ако претераат со носење, ќе речат: “Ме заболе уво за…”
4. Во предизборната кампања прво имавме црвени беретки, потоа една вечер се замешаа и сини шлемови, а деновиве добивме и црвени кмери. Едно гревче, веројатно ништо не му беше јасно, ни каде се наоѓа ни за која партија настапува, за себе изјави дека бил претставник на црвените кмери! Да бидам искрен, останав збунет и цело време очекував кога ли ќе се појави Пол Пот лично!? Бидејќи него го немаше и никако не доаѓаше, му одбив на неинформираност.
5. Додека новинарите упорно ги чекаа резултатите од првиот круг и се нервираа со Државната комисија чии членови на сите прашања најдобро би одговориле “Не знам, јас не сум од тука”, неколку километри накај запад во истиот град се случуваше вистински настан, кој за разлика од изборите создаде убава атмосфера и донесе изненадувања.
Како по традиција и овој пат еден од спонзорите на фестивалот беше Министерството за внатрешни работи. Минатите години, при претставување на спонзорите, обично најголем аплауз собираше скопската пиварница. Оваа година, вистински овации доживеа споменувањето на МВР.
Ако “скопското пиво” е најдоброто од Македонија, значи ли тоа дека македонската полиција е подобра од најдобрите?