ШТИПЈАНИ ПРВПАТ ИЗЛЕГЛЕ НА ПРВОМАЈСКИ ПРОТЕСТ ВО 1924, А ДЕНЕС РАБОТНИЦИТЕ НИТУ ШТРАЈКУВААТ НИТУ ЧЛЕНУВААТ ВО СИНДИКАТИ

    ШТИПЈАНИ ПРВПАТ ИЗЛЕГЛЕ НА ПРВОМАЈСКИ ПРОТЕСТ ВО 1924, А ДЕНЕС РАБОТНИЦИТЕ НИТУ ШТРАЈКУВААТ НИТУ ЧЛЕНУВААТ ВО СИНДИКАТИПо Втората светска војна се организирале масовни првомајски паради со учество на работници од сите еснафи (Фото: Фотокино клубот „Ванчо Прќе“)

    Годинашново одбележување на Денот на трудот во вид на протест, штрајк, парада, дефиле или излет станува мисловна именка со оглед на вонредната состојба во државата поради коронавирусот.

    Од крвавото задушување на работничкиот штрајк во Чикаго на 1 мај 1886, првомајските одбележувања се претвориле во борба за остварување на правата на работниците.

    Работничките движења во Македонија почнуваат пред еден век. Во неколку поголеми градови биле одржани првомајски протести, но биле задушени од тогашната власт. По 1920 година, кога на овие простори доаѓаат нови прогресивни сили, заживуваат и борбата против работничките неправди и борбата за човекови права.

    Во 1960-ите, во Штип се одржа и дефиле на „фиќовци“ за Први Мај (Фото: од архивата на Тоше Ристов)

    „Првиот првомајски протест се одржал во Штип на 1 мај 1924, но зачетокот на синдикалната филозофија се случил една година пред тоа. Штипската младина и еснафот се организираат и во чест на Денот на трудот го организираат првиот првомајски протест. Занаетчиската интелигенција, која во тоа време реагирала на даночните угнетувања на тогашната власт и барала повисоки плати и скратено работно време, а не работа по цел ден, го реализирала првомајскиот протест кој се движел низ целиот град. Занаетчиите и младината собрале храброст да продефилираат низ градот, извикувајќи пароли ‘Да живее Први мај‘, ‘Да живее Денот на трудот‘ и слично. Цело време, протестот, кој повеќе наликувал на мирно дефиле, бил следен од жандармеријата. Не се случиле никакви проблеми, но по завршувањето на протестот шестмина главни протагонисти биле затворени, а Кралството на СХС ги забранило самостојните синдикати“, вели кустосот Емилија Коруновска.

    Одбележување на Први Мај во 1924 година во месноста К‘ртеќе (Фото: Музеј во Штип)

    Во наредните години, синдикалното движење и првомајските одбележувања продолжиле во ист стил не само во Штип, туку и во останатите градови во Македонија. Музејските истражувања кажуваат дека по Втората светска војна тие попримаат друг карактер. Социјализмот наметнал други параметри и манири, па Денот на трудот почнал да се одбележува со отворање фабрики, паради и слично. Градските корза прераснале во народни собиралишта.

    Според постановките на Музејот во Штип, првомајските денови се одбележувале со дефиле на граѓани и моторни возила, па имало случај по главната улица во Штип да поминат и педесетина автобуси, автомобили и мотори. Во 1960-ите се организирало дефиле само на „фиќовци“.

    Синдикалните организации и сојузи во земјава денес само декларативно се огласуваат, а за Први Мај излегуваат со прогласи и слично. Во последно време, во одбрана на работничките слободи и права се јавува здружението „Гласен текстилец“, кое пред неколку месеци во Штип одржа еден од ретките протести пред комплексот на конфекциските фабрики.

    „Во време на најновата економска криза, мерките што ги донесе Владата беа задоцнети. Во текот на март, од угостителската, текстилната и чевларската индустрија беа отпуштени над 1.000 работници, а Владата дури потоа донесе одлука компаниите да ја задржат состојбата со вработеноста заклучно со 31 март. На удар посебно беа работниците кои со години склучуваат договори на еден месец. Беа принудени да останат без работа спогодбено, а тие што го одбиваа тоа, добиваа отказ, со образложение дека три дена не се јавиле на работа. Отпуштањето од работа кај нас досега го имаат пријавено 465 текстилни и 260 чевларски работнички“, велат од „Гласен текстилец“.

    Првомајските денови често се одбележувале со дефиле на граѓани и моторни возила (Фото: од архивата на Тоше Ристов)

    „Како мајка на три деца, мене најмногу ме нервира кога ќе слушнам дека се отпуштаат бремени жени. Тоа е застрашувачка дискриминација. Единствено добро е што се зголеми минималната плата, но катастрофално е работниците да мора да работат за викенди и празници и згора на тоа, празничната работа воопшто не им се евидентира и не им се плаќа. Исплаќаат К-15 и по 100 денари. Трагично е кога некои фирми ги тераат работниците да работат и на Денот на трудот. Имав средба со претседателот Пендаровски и со претставници на надлежните институции, со кои зборувавме и за новиот Закон за работни односи, што треба да се донесе по изборите“, вели претседателката на Здружението, Кристина Ампева.

    Состојбата со работничките права и севкупното синдикално движење во Македонија ги следи и проучува поранешниот прв штипски синдикалец, а сега професор по трудово право на Правниот факултет во Штип, Андон Мајхошев, кој наскоро ќе ја издаде својата втора книга за работниците, под наслов „Современ синдикализам“.

    „Од 1980 година, континуирано ги истражувам штрајковите и социјалните протести. Од 2005 година водам евиденција за секој штрајк што се случил во Македонија и тоа го систематизирам во мојата истражувачка книга“, вели Мајхошев.

    Тој го проучувал и бројот на синдикалното членство, кое од 1990 година наваму опаѓа во континуитет. Денес, синдикалната густина изнесува околу 23%, и тоа најмногу во јавната администрација, додека во приватните компании не го ни знаат зборот синдикално дејствување. Во 1989 до 2005 имало 350 штрајкови во 200 претпријатија и установи. Во 2005 ги имало само четири.

    „Во 1989 година, степенот на синдикална покриеност изнесувал 98%, но за 30 години стапката на зачленетост на работниците во синдикатите се намали за 75%. Причините за ова се повеќе, како стравот и притисокот од работодавачите и недовербата на работниците кон синдикалните елити, кои се задржуваат на функции и по 20 години“, вели Мајхошев.

    Само во Штип се ликвидирани фирми со над 10.000 работници. Стечајците увиделе дека од тогашните синдикални сојузи немаат никаква помош.

    „Немавме поддршка од тогашните синдикати, кои дури ни велеа дека џабе ќе бараме Закон за стечаен надомест до пензионирање кога нема да го добиеме. Не ги послушавме, па сами продолживме како посебна работничко-синдикална категорија. Први мај 2006 го дочекавме со протест пред Собранието сместени во шатори во Жена парк. Цели 18 месеци протестиравме. На крајот успеавме, па во 2008 година над 4.000 стечајни работници го добија Законот за надомест до пензионирање“, вели тогашниот лидер на стечајните работници, штипјанецот Стојан Стојанов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира