Вооружени демонстранти влегоа во зградата на Сенатот на Мичиген, барајќи укинување на рестриктивните мерки, воведени поради коронавирусот.
На протестот во Ленсинг се собраа стотици луѓе, од кои некои носеа автоматски пушки, но не и заштитни маски, ниту ја почитуваа наредбата за социјално дистанцирање. Полицијата им ја проверуваше телесната температура, пред на некои од нив да им биде дозволено да влезат во зградата додека сенаторите дебатираа.
Гувернерката Гречен Витмер ја продолжи наредбата да се седи дома до 15 мај. Мичиген е тешко погоден од коронавирусот и досега починале 3.788 луѓе.
Протестот наречен „Марш на американски патриоти“ беше организиран од здружението Обединетиот Мичиген за слобода, при што беше побарано повторно отворање на бизниси на 1 мај.
Во САД е дозволено да се носи оружје во државните сенати, но некои од демонстрантите се обидоа да се симнат меѓу сенаторите, во што беа спречени од полицијата. Неколкумина сенатори дојдоа на седницата со панцири.