Премиерот Оливер Спасовски на денешното судење за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 кажа дека тој како пратеник имал поднесено предлог на дневен ред да биде ставена точката за избор на нов претседател на Собранието, а претседавачот со конститутивната седница Трајко Вељаноски морал да прифати, затоа што имал поддршка од десет пратеници.
„Предложив на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски да се промени дневниот ред и да се премине на точката за избор на претседател, но тоа не беше прифатено“, сведочеше Спасовски, пренесе државната агенција МИА.
Тој додаде дека за предлогот имал поддршка од над десет пратеници, а Вељаноски, според собранискиот Деловник, морал да го стави таквиот предлог на гласање.
Конститутивната седница, која вообичаено е формалност, траеше од декември 2016 до 27 април 2017, кога пратениците од мнозинство сами си го избраа Талат Џафери за нов спикер, бидејќи Вељаноски како претседавач одбиваше да дозволи избор на нов претседател на Собранието, бесконечно давајќи им збор на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои одолговлекуваа со реплики и контрареплики.
„Единствено нешто што преземавме јас и претседателот на партијата (Зоран Заев н.з.), е дека не дозволивме насобраните луѓе да одат накај Собрание за да не се направи уште поголем проблем“, рече Спасовски, одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Русковска што презела неговата партија во тој период, бидејќи пред партиското седиште на СДСМ се собрала поголема група граѓани.
Денеска сведочеше и Антонио Кочков, кој влегол со толпата во Собранието на 27 април 2017. Тој рече дека е член на ВМРО-ДПМНЕ и ги поддржувал протестите на движењето „За заедничка Македонија“.
„Имавме вибер група преку која комуницираме и каде се кажуваше кога и каде треба да се собереме“, сведочеше Кочков.
Обвинети за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Со истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но не се во обвинението, бидејќи се во бегство.
Судењето продолжува на 15 мај, кога треба да бидат сослушани сведоците Стефан Младеновски и Весел Мемеди.