Телата на сите шест починати патници се пронајдени од екипите кои вршат увид на местото каде вчера се урна италијанскиот авион Пајпер, соопшти Јавното обвинителство.
„Станува збор за пет мажи и за една жена. Телата се подготвени за пренесување во Институтот за судска медицина, каде во наредниот период по налог на јавен обвинител ќе следува постапка за идентификација“, соопштени Јавното обвинителство.
Италијанската агенција „Анса“ ноќеска објави дека авионот го управувал пилотот Франческо Монтањер, претседател на аероклубот во Тревизо, а во него биле уште потпретседателот на клубот, Дарио Бастасин, Лука Дале Муле, Илариа Берти, Ангело Калегари и Висар Бегај, Косовец со италијанско државјанство.
Екипа составена од претставници на Јавното обвинителство, Судска медицина, Комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти и од МВР од утринава вршат увид во скопско Кожле, каде синоќа падна Пајперот, со цел обезбедување на докази за утврдување на причините за авионската незгода и смртта на шестемина патници. Вчера, во 17.36 часот, четири минути пред планираното слетување на Скопскиот аеродром, полицаец од Единицата за известување и команда пријавил дека од аеродромот „Александар Велики“ на 10 километри кон Велес се изгубил комерцијален авион со шест патника во него.
Околу 18.45 часот, од СВР-Велес е добиена информација дека жител на Кожле, пријавил дека слушнал експлозија, по што во околу 20 часот, од страна на полициски службеници од станицата во Петровец, заедно со мештани од Кожле, пронајдени се остатоци од авионот во атарот на селото.
Од Јавното обвинителство соопштија дека е обезбеден дрон кој треба да изврши воздушно снимање на теренот каде што се случила авионската несреќа. Обвинителството испита двајца пилоти од Италија, кои со други два авиони од Тревизо слетаа на Скопскиот аеродром.
Италијанскиот Пајпер полетал од Тревизо во 14 часот и во 17.40 часот требаше да слегта на Скопскиот аеродром да наполни гориво и потоа да продолжи кон крајната дестинација, Приштина.