ГУД АПЕТИТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:88:"СтевоЦрвенковскипредврататана"Белатакуќа"

    1. Министерството за надворешни работи секојдневно со соопштенија за јавноста нé информира за посетата на министерот Стево Црвенковски на САД. Соопштенијата даваат комплетна слика за американската мисија на министерот. Знаеме дури и кога јадел и со кого. Обично се користи терминот “мисија на добра волја”. А според соопштенијата на Министерството излегува дека Стево Црвен­ков­ски е во САД во мисија на добра храна.
    Пред неколку дена беше јавено дека нашиот министер присуствувал на ручек што го организирал американскиот потпретседател Ал Гор. Пред два дена министерот бил на молитвен појадок што го организирале конгресмените и на кој биле поканети делегации на 140 држави. Не е соопштено што било сервирано за појадокот. И не е соопштено за што се молел Црвенковски, бидејќи, нели, појадокот бил молитвен. Кога ќе слета на скопскиот аеродром, ќе треба да го прашаме за најсуштинскиот дел од посетата: дали молел за 230 тенкови, за отворање на амбасада и размена на амбасадори, за финансиска поддршка во некоја меѓународна институција или, едноставно, замолил за уште еден џус.
    Министерството соопшти дека министерот во таа прилика се сретнал и со американскиот претседател Бил Клинтон. Биле во истата сала. Инаку, таму немало многу луѓе. Веројатно околу илјада.
    Според логиката на настаните, покрај појадок и ручек мора да постои и вечера. Не ќе е лошо и вечерата да биде во близина на Бил Клинтон. На пример, зошто Хилари Клинтон да не го покани нашиот министер на вечера во Белата куќа. И онака пред некој ден ја отворила тркалезната соба што била затворена четири години поради реновирање. Можат да вечераат на тркалезна маса. Стево ќе дојде пред вратите на Белата куќа. И ќе ѕвони двапати. Ѕвончето ѕвони: “Клин-тоннн! Клин-тоннн!!!” И, Хилари ќе праша: “Бил, за кого бие ѕвончето?” Сигурно за Македонија! За приватизацијата! Како од спотот кога бијат камбаните.
    Арно ама, Стево Црвенковски нема време за чекање пред вратите на Белата куќа. И веднаш од Вашингтон ќе летне за Њујорк. На вечера. Со Сајрус Венс. Па Министерството по урнекот на соопштението за молитвениот појадок ќе ни испрати соопштение за тајната вечера.

    2. Ако Американците навистина чесно сакаат да ни помогнат, следниот пат нека организираат појадоци и ручеци со министрите за финансии. Покрај Црвен­ковски, во мисија на добра храна нека оди и министерот Јане Миљовски. Ќе ни помогнат да го олабавиме буџетот. Ќе одат помалку пари за исхрана од дневниците.

    3. Едноставно, немам повеќе срце да го вклучувам телевизорот и да ги отворам весниците. Ќе пресвиснам од жал за Грција. Велат дека ќе ја казнеле на Европскиот суд во Луксембург поради ембаргото спрема Македонија. Цела недела само за тоа се зборува. Дури и пред да почне судењето, ние ја знаевме пресудата. И ги прежаливме сиромашките Грци, како ќе ги казнеле.
    Така беше и минатата година. Сите тагувавме над судбината на Грција кога – Судот ѝ дозволи да си продолжи со ембаргото. Искрено, многу ми е сом­ни­­тел­но кога кај нас се пишува како Грција ќе биде зезната. Речиси по правило, секогаш кога Атина е во паника, кога грчката влада го очекува најлошто, кога во Грција преовладува песимизмот, кога тамошната јавност се потресува, Македонија го извлекува подебелиот крај. Се плашам дека и сега, кога сите тука се потресуваат над казнетата Грција, накрај самите себе ќе си се жалиме. Искуството со Европ­ската унија и нејзината бирократија тоа неколку пати убаво ни го докажа.

    4. Парламентарците повторно бараат јавноста да ги гледа директните ТВ преноси. Навистина, тоа не треба да се сфати како наредба или, не дај боже, мешање во уредувачката политика на МТВ, ама би било добро. Голем дел од пратениците се од минатиот состав, се навикнаа да се гледаат на телевизија, изградија свест за моќта на ТВ екранот, па сега одеднаш се чувствуваат фрустрирани кога никој не ги гледа што работат.
    Ако МТВ не им ги прифати сугестиите на пратениците, секогаш ќе имаат можност да се појават на Силексовата “Сител” телевизија. Во емисијата “Скриена камера”. Стојан Андов ќе смислува разни ситуации. Пратениците ќе се однесуваат како што си се однесуваат. И ако некој се заборави и претера на говорницата, однекаде ќе се појави Ѕинго. Ќе го прегрне говорникот и другарски ќе му рече: “Го гледаш она дупче таму? Еее… Насмевни се, тоа е скриена камера!”
    Така, доживувањата на нашите народни избраници ќе ги следиме во разни жанрови. Во минатиот состав играа историска драма. Нели, правеа држава, измислуваа знаме, правеа пари… Сега ќе ги гледаме малку порелаксирано, во рамки на забавна програма од типот на “Скриена камера”. Значи, веќе имаме драма и комедија. Само во следниот мандат да не дојде ред на – хорор!

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира