СЕМЕЈСТВАТА ДИНЕВИ И ОГЊАНОВСКИ СЕ СПЛОТИЈА ПРЕКУ СРЦЕТО, ВЕЛИ СИНОТ НА ПАЦИЕНТОТ КОЈ ДОБИ СРЦЕ ОД ПОЧИНАТА ЖЕНА

    СЕМЕЈСТВАТА ДИНЕВИ И ОГЊАНОВСКИ СЕ СПЛОТИЈА ПРЕКУ СРЦЕТО, ВЕЛИ СИНОТ НА ПАЦИЕНТОТ КОЈ ДОБИ СРЦЕ ОД ПОЧИНАТА ЖЕНА„Пред сѐ едно големо сочувство и големо благодарам до фамилијата што со донирањето спасија три животи, од кој еден е животот на татко ми“, рече денеска Васил Огњановски, син на Иван Огњановски кој утрово доби ново срце. (Фото: Министерство за здравство)

    Фамилиите ќе останат сплотени, а срцето е нашето единство, рече денеска Васил Огњановски, синот на 54-годишниот Иван Огњановски, на кого утрово на Клиниката за кардиохирургија му беше трансплантирано срце од почината жена донор. Два бубрега од истиот донор се трансплантираа на Клиниката за урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години беа на дијализа.

    „Пред сѐ едно големо сочувство и големо благодарам до фамилијата што со донирањето спасија три животи, од кој еден е животот на татко ми. Пред два дена ни беше јавено дека е најдено срце и дека ќе биде извршена првата ваква трансплантација кај нас. Операцијата се направи. Полека го будат. Очекувањата се големи. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу добри доктори што ќе спасат милиони животи. Сакаме да се запознаеме со семејството на донаторката, но пред сѐ, нека стивне нивната болка. Со мојот татко кога ќе биде во добра состојба би сакале да им изразиме сочувство и да им кажеме дека нејзиното срце сѐ уште чука“, кажа Васил Огњановски.

    Станува збор за пациентка на 43 години, која настрадалa  во сообраќајна несреќа. Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата кажа дека денеска се испиша историја бидејќи за првпат во нашата земја беше направена трансплантација на срце од починат дарител.

    „Еден чин, еден акт, една организација, предоперативна примена, оперативна интервенција, и постоперативен тек што сите нас овде нѐ прави многу горди. Трансплантацијата немаше да биде можна без еден друг чин на човекољубие на алтруизам поради тоа што семејството Диневи пред неколку дена ја загубија својата сакана мајка и сопруга и после дијагностицирањето на мозочната смрт, се согласија да ги донираат срцето и бубрезите на починатата. Кардиохиругијата и медицината имаат периоди на моќ и на немоќ. До вчера не бевме моќни да го спасиме животот на Иван Огњановски и тој самиот, медицинските тимови беа свесни дека ги живее последните денови, но со овој чин на алтруизам на семејството Диневи, на Миле, Влатко и Викторија, со нивна согласност, срцето на нивната сакана сега чука тука во градите на Иван и тој го почнува неговиот втор живот“, кажа Филипче.

    Националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска, порача дека ова немало да биде успешно без семејството што го донираше органот.

    „Ова немаше да биде успешно доколку не постоеше семејството што со голема емоција ги даруваше органите. Сметам дека ова може само да ни даде уште поголема вера и надеж дека семејствата што ќе се соочат со загуба на близок ќе се одлучат за донирање на органите и сепак голем број пациенти ќе имаат шанса да продолжат со лекување со нов орган. Сакам да изразaм сочувство на семејството и да кажам дека срцето на нивната драга чука и во суштина сѐ уште живее“, изјави Мојсова-Мијовска.

    Според д-р Мојсова веќе почнале да разговараат за органодарителство и што значи тоа, и вели дека нема подобра кампања од ова, кога лично и семејствата на тие што примаат и на тие што донираат би ја раскажале својата приказна.

    „Нашиот закон е јасен. Сите сме донори доколку не се изјасниме во текот на животот дека не сме и тоа на писмено кај нотар. Но, во суштина сепак семејството го дава последниот збор и затоа многу во суштина треба да вложиме и во едукација, не само на медицинскиот кадар, туку и на граѓанството и општеството што значи органодарителство после смртта. Не значи дека секој од нас ќе биде дарител, но доколку нешто ни се случи и притоа завршиме со мозочна смрт и граѓаните да знаат за што се работи“, изјави Мојсова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира