Лошото време го одложи денешното историско лансирање на ракетата на Илон Маск од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида. Таа требаше да однесе двајца искусни американски астронаути до Меѓународната вселенска станица, но НАСА донесе одлука да не се ризикува поради најавената тропска бура и најави дека ќе пробаат повторно в сабота.
Едни од најискусните астронаути на НАСА, Даг Харли (49) и Боб Бенкен (53), за кои ова е трета мисија во вселената, веќе беа сместени во новата капсула „дрегон“.
Тоа ќе биде прво лансирање на ракета од американска почва од 2011 година, но она што го прави историско е што „Спејс-Екс“ треба да стане прва приватна компанија која испратила луѓе во вселената. Меѓу малкуте гости кои пристигнаа во Флорида беа и Доналд Трамп и Мајк Пенс со сопругите.
„Ова лансирање е резултат на илјадници тестови, илјадници часови на дизајнирање и на напорната работа на огромна бројка паметни луѓе кои овозможија овој ден да се случи“, изјави Маск пред лансирањето.
Маск, кој лично работел на дизајнирањето на оделата на астронаутите, се надева дека ова е почетокот на комерцијалните летови и на „такси“ превозот во ниската орбита на Земјата.