Пропадна и третиот оглас на Град Скопје за изработка на основен проект за барокна фасада на зградата „Ибни Пајко“. И овојпат до комисијата не стигнала ниту една понуда, а архитектите во целост уште еднаш го испочитуваа повикот за бојкот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).
Од Градот не кажаа дали и кога ќе распишат нов оглас. Асоцијацијата на архитекти на Македонија, пак, најави дека колку пати Градот ќе распише оглас за барокна фасада на „Ибни Пајко“, толку пати тие ќе го повторат повикот до проектантските бироа и до архитектите да го бојкотираат огласот за да се заштити сегашниот изглед на зградата.
Ставот на ААМ е дека бојкотот е единствениот начин да се стави крај на скрнавењето на градот.
„Ибни Пајко“ стигна на ред за преслекување во барок во февруари, оваа година, кога беше избрано идејното решение за менување на изгледот на оваа зграда за да се вклопи во околниот амбиент, односно да се надополни на проектот „Скопје 2014“. Автори на идејното решение се Лазар Димов и Никола Стакинов. Од тогаш Градот три пати распишува оглас и не може да најде архитект кој ќе го направи основниот проект врз основа на она што го замислија Димов и Стакинов.
Автор на станбено-деловниот комплекс „Ибни Пајко“ е архитектот Глигорие Томиќ (1886 – 1971) по потекло од Крушево. Зградата е изградена во 1938 година, а реконструирана беше во 2004 година, но според нејзиниот автентичен изглед.