Актерскиот доајен Петар Мирчевски кој играше заедно со италијанската ѕвезда Моника Белучи во „На млечниот пат“, вечерва во Битола на отварањето на фестивалот „Браќа Манаки“ рече дека поубаво му е на црвениот килим со славниот актер Раде Шербеџија. Фестивалот се отвора со премиерата на македонско-хрватско-финската копродукција „Ослободувањето на Скопје“, што е режисерско деби на Раде Шербеџија и син му Данило. Пепи Мирчевски игра една од улогите во филмот.
„Со Раде ми е подобро“, рече Мирчевски на црвениот килим во Битола, запрашан како се чувствувал на фестивалот во Венеција со Моника Белучи.
„На млечниот пат“ е новиот филм на босанскиот автор Емир Кустурица чија светска премиера беше на годинешиот филмски фестивал во Венеција што завршува утре, меѓу 20-те кандидати за престижниот Златен лав.
По отварањето на „Манаки“,„Ослободувањето на Скопје“ утревечер во Скопје ќе има и кинопремиера, и ќе игра во кината Милениум и Синеплекс.