Камперскиот, руралниот и еколошкиот туризам, каде што социјалната интеракција е помала, можат да ја извадат туристичката сезона во Охрид, вели Горан Мицкоски, експерт за туризам во Секторот за туризам и локален економски развој при локалната самоуправа во Охрид.
„Доаѓаме до проблемот на сместување во рурални средини. Во изминатиот период, речиси сите стратегии за развој на туризмот во Македонија му даваа значење на овој сегмент, но тој беше третиран како ‘несакано дете‘, без конкретна финансиска поддршка и стратегиска промоција, како приврзок на хотелскиот туризам. Овој сегмент често се изговараше со потсмев и презир од ‘големата туристичка бизнис заедница‘, а локалните самоуправи ја форсираа изградбата на големи хотелски проекти”, вели Мицкоски.
Тој смета дека се преземаат недоволно стимулативни мерки за развој на туризмот, посебно во овие нови услови.
„Во изминатите три месеци прометот од туризмот е речиси нула. Во исто време гледаме некакви некоординирани и целосно неосмислени промотивни кампањи за домашниот пазар и домашните гости, меѓутоа тоа се генерални пораки, без соодветна понуда на производи и услуги. Најавените мерки од страна на Владата за туристички патувања во својата земја се недоволни и неконкретни како облик на стимулација”, смета Мицкоски.
Според него, на Охрид му оди во прилог желбата на долгогодишните гости повторно да се вратат на охридскиот брег, но и тука има многи непознати.
„Туризмот прв ја почувствува глобалната криза предизвикана од коронавирусот и, за жал, последен ќе закрепне. Отежнувачка околност за охридскиот туризам претставува фактот што најголемиот дел од прометот го реализираше од странските гости, а инвестициите во овој сектор ги планираше врз база на проектирани договори со странски туроператори. Тие гости ќе ни се вратат најдоцна. Она што на Охрид му оди во прилог е што нашите верни гости имаат желба да се вратат, меѓутоа тоа ќе биде можно дури откако повторно ќе се отвори меѓународниот сообраќај“.
Мицкоски е скептичен во однос на тоа кога туристичките капацитети ќе почнат оптимално да функционираат, бидејќи бројот на гостите неминовно ќе се намали.
„Во услови на економска криза и рецесија најпогодена целна група во западноевропските држави се ниските социјални слоеви, кои ја сочинуваа најголемата бројка на субвенционирани гости во нашите хотели“.
Мицкоски вели дека многумина кои се залагаа за внесување новини во туризмот беа предмет на потсмев.
„Можностите што ги нудат овие сегменти денес се наметнуваат како ултиматум за опстанок на микроекономијата во туризмот. Одржливиот пристап исчезна со екстремната градежна експанзија, узурпацијата на крајбрежниот појас, концесионирањето на плажите, узурпацијата на градскиот простор со крајно хаотична понуда и со сеопштото загадување. Во овој момент, сите наши досегашни стратегии и знаења, сите податоци за туристичките движења, сите досегашни искуства повеќе не се релевантни. Доколку во овој момент би се започнало со изработка на некоја нова стратегија, таа не би имала никаква основа. Затоа овој период мора да се искористи за постојана комуникација со реалниот сектор и за секојдневно следење на околностите за брзо и ефикасно носење на правилни мерки. Така ќе можеме во некој иден период да градиме нова стратегија за развој на туризмот, кој ќе биде цврсто поврзан со домашната компонента”, ни рече Мицкоски.
Д. ЧУБРИЌ