15 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ОД ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19, ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ ДЕКА СЕ ЗАРАЗИЛЕ НАДВОР

    15 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ОД ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19, ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ ДЕКА СЕ ЗАРАЗИЛЕ НАДВОРДо утрово во ГОБ „8 Септември“ биле примени уште 10 нови позитивни на КОВИД-19. Амбулантни возила пред болницата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Петнаесет медицински лица од Градската општа болница „8 Септември“ се заразени од КОВИД-19, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот д-р Христијан Костов. Станува збор за двајца доктори, 8 медицински сестри, 2 болничари и едно лице од технички персонал. Поради контакт со нив, во изолација се уште 10 лица, па во моментов 25 здравствени работници не се на работа.

    Костов вели дека сите тие се заразиле надвор, затоа што во болницата се работи со максимална заштита. Што се однесува до десетмината кои се во изолација, тој вели дека ним в четврток ќе им биде направен втор контролен тест, и ако биде негативен како и првиот, веќе од петок ќе може да почнат со работа.

    Сепак, директорот вели дека нивното отсуство не влијае на функционирањето на болницата бидејќи тие од почетокот на коронакризата одат во ротирачки смени, по 7 дена се на работа, а 7 се дома. Вели дека од Клиничкиот центар за замена испратиле плус две сестри.

    Во текот на ноќта до утрово во ГОБ „8 Септември биле примени уште 10 нови позитивни на КОВИД-19. Вкупно се хоспитализирани 50 пациенти,  од кои 10 се на респираторна машина, а десет се на кислородна поддршка.

    Во болницата  лежат и уште 50 пациенти кои се негативни на коронавирус, но биле примени заради итна интервенција, главно инфаркт, слепо црево и жолчка.

    „Станавме Инфективна клиника. Сите кои имаат друга мака, но и температура над 37.2 ги праќаат кај нас“, вели директорот Костов.

    Министерот за здравство Венко Филипче на вчершната прес-конференција на новинарско прашање, со оглед на зголемеиот број на новозаболени, рече дека по потреба вкупниот  капацитет на „8 Септември“ од 400 кревети може да биде наменет за хоспитализирање на нови пациенти.

    „Ако треба ќе ја отстапам цела болница, нема простор за паника, има место за лежење. Но, не е проблемот во просторот. Проблем ќе биде недостигот од персонал. Еве веќе разговаравме и ќе го отвориме и одделението од прв спрат што ќе биде споено со нашето инфективно одделение, како и поранешната шок-соба што ја користеше приватната болница на ‘Жан Митрев’, иако засега за тоа нема потреба“, изјави директорот за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Во ГОБ „8 Септември“, медицинските лица досега успеаја од респираторна машина да вратат во живот двајца пациенти, еден на 35 години и еден на 47.

    Од 18 март кога беше прогласена вонредна состојба, болницата и практично функционира како инфективна клиника, иако на тамошното инфективно одделение со капацитет од 26 легла се вработени само двајца инфектолози. Сите десетина матични анестезиолози кои се деноноќно на сменска работа се префрлени на Одделот за интензивна нега за КОВИД-19. Поради нивната презафатеност и истоштеност, редовните хируршки интервенции се стопирани.

    Според вчерашните податоци од Институтот за јавно здравје, во земјава се регистрирани вкупно 326 заболени здравствени работници во текот на епидемијата, од кои 248 се оздравени.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира