1. Џорџ Сорос повторно беше во Македонија. Да направи контрола како му се трошат парите. Брзо и ефикасно – за неколку дена. За разлика од порано, овој пат не беше пречекан како национален спасител. Освен од медиумите што ги користат неговите средства. Што е и човечки сосема во ред.
Претставници на таканаречените независни медиуми беа повикани на испит во студиото на телевизијата “А1” во Скопје. Усното полагање пред професорот Сорос беше уредно снимено со ТВ камера и преточено во емисија од воспитно-образовен карактер, што имавме задоволство да ја видиме на програмата на истата телевизија. Новинарите беа седнати во клупа, наспроти катедрата на која покрај водителката на емисијата и претставник на Фондацијата “Отворено општество во Македонија”, седеше и господинот Џорџ Сорос, веројатно како претседател на испитната комисија. Професорот прашуваше, новинарите одговараа. Како послушни и вредни ученичиња чекаат да им дојде редот, некој да им го додаде микрофонот, тие да положат сметка – да се докажат дека се вредни и професорот не се зезнал што инвестирал во нив.
Професорот беше задоволен. Значи, не ги давал парите за џабе. По испитот сé му стана јасно. И тоа за само еден час, колку што траеше емисијата. Сигурно на учениците им рекол: “Браво, положивте!” Тоа не го видовме на ТВ екраните. Немаше потреба. И ова што го видовме беше доволно.
2. Како и да е, новинарите се ставени во ситуација да плаќаат нечии туѓи камати. Ученичињата имаат најмала вина што Сорос пред неколку години беше толку глорификуван во македонската јавност, небаре неговиот кредит нé спаси од пропаст. Колку што се сеќавам дури се правеа планови и да му се обрати на Собранието, па се читаше неговото писмо до пратениците… Потоа, при една заедничка изјава со претседателот Глигоров, во вилата “Водно”, господинот Сорос си дозволи на два чекора од шефот на македонската држава, пред многубројните домашни и странски новинари, да нé прекорува дека лошо се води надворешната политика. Нормално, никој не е луд да дава пари и да се прави дека му е сеедно. Сé се плаќа, па и кредитот на Сорос.
Според тоа, воопшто не треба да нé чудат емисии од типот на усното полагање испит, затворени трибини, на кои се повикуваат и претставници на нелегалниот универзитет во Тетово, шпекулации дали Сорос или било кој друг, што тука ни доаѓаат со идеја да ни помогнат, го поддржуваат или не отворањето на албански универзитет во Македонија. Имаше една многу популарна ТВ емисија. Се викаше: “Баравте – гледајте!”
Сорос, пред да си замине, беше примен и од претседателот на Републиката Киро Глигоров. Од средбата излезе едно невообичаено соопштение дека биле “разменети мислења, кои по одделни прашања беа различни за актуелната состојба во македонско-грчките односи и за актуелниот развој на меѓунационалните односи во Република Македонија”. Навикнати на друг тон на соопштенија, кога се работи за вакви средби во Кабинетот на претседателот, изгледа дека овој пат и официјално “тиквата пукнала”.
Дај, нека му ги вратат парите што ни ги даде. Белким ќе имаме барем еден губернатор помалку.
3. Се отепав од зјапање во телевизорот, за време на празнувањето на Денот на победата над фашизмот во Лондон и Париз, да не го видам случајно нашето знаме на јарболите.
Ако беше закачено заедно со сите други знамиња, новинарските извештаи сигурно ќе почнуваа со тој податок.
Ако беше развеано, тогаш сигурно ќе слушавме вести за грчки официјални протести и скандали на празнувањето.
Од друга страна, ако не беше закачено и македонското знаме, логично беше барем од грчка страна да беше јавено за ликување, за уште една победа на нивната дипломатија… Ни тоа го немаше.
Значи!? А преговорите уште не се ни почнати.
4. И ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува демократските традиции што две недели пред тоа успешно беа демонстрирани и на конгресот на СДСМ. Како што ѝ доликува на секоја демократска партија од европски тип, и нашите две најголеми партии, едната од власта, другата од опозицијата, применија рецепт на избор на претседател со еден кандидат. Што има да се става под сомнение единството во партиите, па да се измислуваат по неколку кандидати за претседателското место, кога овие избраните, Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски, се најдобри.
За да биде целата процедура уште подемократска, требаше да одат и на јавно гласање. Да се види кои биле тие 11-мина што се осмелиле да гласаат против Љупчо Георгиевски.
5. Уставниот суд веќе е промовиран како правен советник на Владата. Сега ѝ кажа деа погрешила кога заедно со Електростопанството ги воведе потрошувачките блокови и ја зголеми цената на струјата во февруари.
Владата е струја. Брзо ќе реагира. Би било добар виц ако почнат да им ги враќаат парите на граѓаните. Ама бидејќи таа е сериозна, најверојатно ќе примени сериозно решение. Уште еднаш ќе ја покачи цената на струјата и ќе си ја компензира уставната грешка.