ДВЕ ЛИЦА ОД БИФЕТО ВО ГЛАВНАТА ЗГРАДА ВО МВР ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС, МУ НОСЕЛЕ КАФЕ И НА ЧУЛЕВ

    ДВЕ ЛИЦА ОД БИФЕТО ВО ГЛАВНАТА ЗГРАДА ВО МВР ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС, МУ НОСЕЛЕ КАФЕ И НА ЧУЛЕВБифето било веднаш до советникот на министерот Чулев, Мухамед Исмаили, за кого тој веќе потврди на Фејсбук дека е позитивен на КОВИД-19. - Централата на МВР во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Двајца вработени во бифето во министерската зграда во МВР, во која има околу 200 вработени, се позитивни на коронавирус, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Овие лица влегувале во сите канцеларии каде требало да носат кафе, сок, вода, а го служеле и министерот Наќе Чулев, но никој не е во изолација.

    „Ние се организираме сами да се тестираме, зашто никој од раководството на МВР не реагира. Раководството не повика на самоизолација, а сите сме биле во непосреден контакт со вработените од бифето барем по еднаш дневно секој ден“, револтирани се луѓето со кои разговаравме, со канцеларии во министерската зграда.

    Бифето било веднаш до советникот на министерот Чулев, Мухамед Исмаили, за кого тој веќе потврди на Фејсбук дека е позитивен на КОВИД-19. Тогаш Чулев пиша дека Исмаили не доаѓал на работа и оти последен пат бил виден на 24 мај. Но, некои од вработените тврдат дека тој бил виден на 3 јуни, кога присуствувал на состанок во зградата за последната хеликоптерска несреќа.

    Вработени во зградата велат дека се оставени сами на себе да прават епидемиолошки анкети дали келнерите се заразиле од Исмаили, со кого уште бил тој во контакт, да прават алгоритам за пренесување на заразата од советникот на Чулев и од келнерите, да се организираат сами да се тестираат на свој трошок. Велат дека се многу револтирани што министерот не повикал епидемиолози, ниту пак на самоизолација.

    Од Министерството за внатрешни работи велат дека ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на вработените.

    „Од страна на стручните служби во МВР е остварен контакт со епидемиолози и во тек е преземање на понатамошни мерки. Дополнително, утрово од страна на министерот Чулев и дополнителниот заменик на министерот Петровска е остварен контакт со претседателот на Комисијата за заразни болести Караџовски и со министерот за здравство Филипче при што е побарано најитно да се направи епидемиолошка анкета на вработените“, одговорија од МВР на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК за тројцата заразени во централата на министерството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира