Бившата хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ му покажа среден прст на ултраконзервативен политичар, реагирајќи на неговата изјава за силување.
„Им се придружувам на сите жени кои го креваат својот глас против оние кои сакаат да нѐ вратат неколку векови во минатото“, кажа Грабар-Китаровиќ.
Таа реагираше откако Мирослав Шкоро, нејзин противкандидат на последните претседателски избори и лидер на партијата Татковинско движење, сугерираше дека жените кои забремениле откако биле силувани не би требало да абортираат.
„Секогаш сум била за живот, но живот кој има право на избор. Ние не сме примитивна заедница, туку држава со механизми со кои може да се помогне на жени и мајки во вакви ситуации. Ако жена забремени од силување, таа треба да зборува со своето семејство за да види што ќе прави. Помина времето кога жената седеше во ќош и чекаше да види што ќе каже нејзиниот мачо маж“, изјави Грабар-Китаровиќ.
Абортусот е дел од политичката дебата во Хрватска во пресрет на парламентарните избори на 5 јули.