Бразил стана втора држава на светот со потврдени повеќе од еден милион случаи на коронавирус, кој продолжува забрзано да се шири. Министерството за здравство објави дека во изминатите 24 часа имало рекордна бројка новозаразени – повеќе од 54.000.
Исто така, четврти ден по ред бројката починати е поголема од 1.200, со што трагичниот биланс порасна на речиси 49.000 мртви.
Здравствените власти велат дека вистинските бројки се многу повисоки затоа што не се прават доволно тестирања, но и дека врвот на заразата се очекува дури за неколку недели.
Овие бројки уследија откако Светската здравствена организација предупреди дека пандемијата на коронавирусот влегува во „нова, опасна фаза“.
Јужна Америка моментално е област каде што заразата најбрзо се шири, при што нови големи жаришта се Перу и Чиле, додека Мексико стана седма држава на светот со повеќе од 20.000 починати од КОВИД-19.
Само САД имаат повеќе заразени од Бразил, чиј претседател Жаир Болсонаро продолжува да критикува градоначалници и гувернери кои имаат воведено строги рестриктивни мерки, сметајќи дека тие се пострашни од самиот вирус.