Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски утринава на Фејсбук објави дека во неговата семејна пекара во Ѓорче Петров е фрлена експлозивна направа и е причинета материјална штета, без повредени. Од полицијата потврдија дека постои основано сомнение дека се работи за подметната експлозивна направа.
„На 21.06.2020 во 03.40 часот било пријавено дека на улица Ѓорче Петров излегува чад од пекара сопственост на Б.М. (62), а претходно се слушнало детонација. По пристигнување на полициските службеници на местото на настанот забележано е дека влезната врата е целосно извадена од лежиштето и причинета е материјална штета, па постои основано сомнение дека се работи за подметната експлозивна направа. Повредени нема. Се работи на расчистување на случајот”, велат од МВР.
Во октомври 2017 година се запали семејната куќа на Мисајловски. Куќата се наоѓа веднаш до објектот на фурната која што со години е на семејството Мисајловски.