Американскиот амбасадор Џес Бејли изјави дека е задоволен од бројот на лицата кои се одзваа на поканата за хуманитарна акција и даруваа крв и донираа прехранбени продукти денеска во кругот на Амбасадата на САД во Скопје.
Американската амбасада организираше крводарителска акција и акција за собирање прехранбени продукти и други средства, по повод Националниот ден на служба и сеќавање. Во американската амбасада крв даруваа покрај вработените во амбасадата и членови на политички партии, функционери и граѓани.
„Големите катастрофи не можат да се предвидат. Изминативе неколку месеци и тука во Скопје се случи катастрофална поплава. Поради тоа мора да направиме се што е во наша можност да ги дочекаме што повеќе подготвени“, изјави американскиот амбасадор Џес Бејли пред и самиот да даде крв.
Националниот ден на служба и сеќавање започна да се одбележува во 2002 година преку добротворни акции, да се покаже почит кон жртвите, преживеаните и сите што помогнале во справувањето со последиците од нападите на 11 септември 2001. Во 2009, Конгресот на САД усвои сојузен закон, подржан од двете партии, со што го прогласи 11 септември за Национален ден на служба и сеќавање.
Акцијата во Американската амбасада беше организирана во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и со Институтот за трансфузиологија.