Бугарија ја продолжи вонредната состојба до 15 јули по последниот голем пораст на бројот на нови случаи на коронавирус, објави министерот за здравство Кирил Ананиев.
Бугарија ги олесни рестриктивните мерки во почетокот на месецот, но минатата недела регистрираше нови 606 случаи на зараза, што е најголема неделна бројка од почетокот на епидемијата. Денеска се потврдени уште 130 нови случаи, со што вкупната бројка порасна на 4.114, при што 208 пациенти починале.
„Имаме зголемување на интензитетот на епидемијата“, изјави Ананиев.
Тој додаде дека засега не се планира повторно воведување на рестриктивни мерки, но носењето маска е задолжително во затворени простори и во јавен превоз, а останува и забраната за патувања од повеќето земји надвор од Европска Унија.