По долготраен процес кој траеше повеќе од една година, проследен и со жалби до Управниот и Вишиот управен суд, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ ја изготви конечната ранг листа за приемот на нови 60 (шеесет) слушатели на почетна обука како седма генерација на Академијата.
Од 643 апликанти кои на почеток ги исполнувале сите услови, со селекција преку полагање на испит анонимно, секој со своја испитна шифра, добиена е листа од 60 најдоброрангирани.
Огласот беше објавен уште на 15.05.2019 година. Процесот за влез во Академијата беше првин со полагање на тест за активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски), кои го положиле 509 кандидати, вели директорката на Академијата Наташа Габер-Дамјановска, и со тоа се стекнале со право на полагање на квалификацискиот тест. Потоа полагале квалификациски тест, од кои 405 кандидати го положиле и се стекнале со право на полагање на психолошкиот тест.
Правото на приговор кандидатите го користеа цело време, поради што постапката се развлече и поради тоа, а не само дека се работи за прием на слушатели на досега рекордна бројка заинтересирани млади правници со висок просек на факултет. Психолошкиот тест го полагаа вкупно 377 кандидати, а положија 348, кои се стекнаа со право на полагање на тестот за интегритет. Овој тест го положија 332 кандидати, кои натаму се стекнаа со право на полагање на испитот – практичен и устен дел.
Овој испит 15 кандидати не го положија. Кандидатите имаа право на увид во писмениот дел од испитот, како и право на приговор во однос на резултатите од испитот до Комисијата за приемен испит, па така беа поднесени вкупно 138 приговори против објавените оценки, a против решенијата на Комисијата за приемен испит, до Управниот одбор на Академијата кандидатите беа поднесени вкупно 89 жалби, итн.
По завршувањето на целокупната постапка Академијата сега ја објавува листата на кандидати со вкупно освоени бодови на приемниот испит и ранг листата на примени слушатели во почетна обука на Академијата, со име и презиме на кандидатите. Првите 60 се новите слушатели кои почнуваат во септември и за три години ако завршат со успех, може да бидат бирани во судовите и во обвинителствата, како на пример во Скопското, кое кубури со кадар.
С. К. ДЕЛЕВСКА