Лидерот на СДСМ Зоран Заев очекува министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска да ги викне на сослушување претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и бизнисменот Орце Камчев, како што вчера го повика поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев.
Дончев вчера во 16 часот имал покана во полициската станица Карпош, во својство на граѓанин, да даде информации за неодамна објавената видеоснимка на која се гледа дека фаќа пари.
Денеска, на Јутјуб каналот именуван „Рекет“ беше објавен нов разговор помеѓу Мицкоски и неправосилно осудениот во „Рекет“ Зоран Милески-Кичеец, во присуство на женско лице, во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е единствениот кој се бори против Законот за Јавно обвинителство, затоа што со тој закон, како што вели тој, истрагата не е завршена. Во претходен разговор, објавен вчера на истиот Јутјуб канал, Мицкоски му кажува на Кичеец дека го снимале кога бил да се види со Орце Камчев, затоа што, според Мицкоски, Камчев бил под посебни истражни мерки.
„Министерот Наќе Чулев тоа го прави заради политички маркетинг, ама сега кога тргнаа со ваквите аршини, очекувам, како што слушам денеска, да го викнат и господинот Мицкоски и да го викнат господинот Орце Камчев баш по истите аршини за сослушување како што тоа го направија со господинот Ден Дончев“, кажа Заев, одговарајќи на новинарско прашање за сослушувањето на Ден Дончев, на партиски настан пред Основниот кривичен суд.
Мицкоски, пак, кажа дека станува збор за само еден разговор со Кичеец, а се сечат и монтираат парчиња по потреба на СДСМ и Зоран Заев. За Законот за јавно обвинителство, Мицкоски, во изјава за државната агенција МИА, кажа дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се противело на работата на Специјалното јавно обвинителство, но вели дека и кога тоа било оперативно имало сериозни индиции за злоупотреба и политичко влијание.