Свадбарските работници од Битола излегоа на мирен протест на Широк Сокак барајќи од државата да ја укине забраната за семејни веселби и свадби и да донесе протоколи за нивно одржување. На протестот излегоа угостители, музичари, фотографи, цвеќари, лица кои даваат кетеринг услуги, слаткари, златари и од други дејности поврзани со свадбите.
„Зошто концертите да бидат ослободени фактички во полза на самите организатори, додека за нас музичарите кои живееме од оваа работа и моментално сме на работ на егзистенција сега не може да се најде начин и да ни се излезе во пресрет. Има музичари кои работат дополнително нешто друго, но има и такви кои егзистираат само од свадби и веселби“, рече Заит Алиу, иницијатор на неформалната група „Свадбарски работници“.
По нивни проценки, во земјава има над 20.000 музичари, а годишно се прават 15.000 свадби, од кои најголемиот дел преку лето и тие сега се откажани.
„Сега сме сведоци дека веселби и свадби се одржуваат во викендици, каде што има концентрација на луѓе на мал простор, каде условите, хигиената и вентилацијата се под нивото на рестораните. Угостителите се подготвени да донесат и дополнителни модификации на просторот за да го исполнат протоколот. Мислиме дека свадбите не се голем ризик за вирусот, бидејќи луѓето кои не ја почитуваат дистанцата се најчесто од иста фамилија, живеат во ист дом, работат на исто работно место, од исто друштво се, кои се заедно и се дружат не само на свадбата, туку и секојдневно“, рече Благој Мустриковски.
На протестот беше кажано и дека „со неодржувањето на свадбите ќе се намали наталитетот и уште повеќе ќе се прошири белата чума“.
Протестот го поддржа и Здружението на естрадни уметници на Македонија. Музичарот Благоја Грујовски рече дека музичката дејност во земјата во 90 проценти егзистира од свадбите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА