Во текот на вчерашниот ден во Велешко се регистрирани три лица позитивни на ковид-19, а еден е оздравен, соопштија од Центарот за јавно здравје Велес. Сите случаи регистрирани неделава се млади и деца. Со ова, активни во Велешко се 42, вкупниот број на заразени е 189, 13 се починати.
„Имаме два случаи на релативно млади лица, заразени се од родителите, кои се позитивни и во двата случаи, фамилијарен кластер. Имаме едно дете исто така заразено во фамилијарен кластер. Вчера имаме едно лице оздравено од домашно лекување, а завчера лице кое било на Инфективното одделение. Имаме еден случај на лице докажано од минатата седмица, се водел како скопски, денес е одлучено дека жената е велешки случај и претходно е веќе вброена во базата за Велес и таа е на домашно лекување“, велат од Центарот за јавно здравје во Велес.
Последните денови, после двајцата млади полицајци и детето повратник од Србија, вчера новорегистрираните се исто така млади.
Од активните случаи во Велешко 28 се на домашно лекување, а 13 се на Инфективно одделение од Велешката болница. Пациентите кои до вчера беа во приватните клиники од Скопје се пуштени на домашно лекување, во очекување на вториот негативен тест.
П. ПЕЧКОВ