Четирите капитални изданија за македонскиот јазик, кои денес беа промовирани на платото пред Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), како и светската лингивистичка наука потврдуваат дека таканаречениот македонско-бугарски јазичен спор, всушност не е спор, туку апсурд, рече претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.
„Зарем е можно во 21. век да се оспоруваат основни човекови права? При прогласувањето на македонскиот јазик за вештачки Бугарската академија на науки (БАН) се потпира на две бесмислени тврдења, сличноста со бугарскиот јазик и политичкиот карактер на македонскиот јазик“, рече академик Коцарев.
Со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, деновиве од печат излегоа делата: „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“, колективна монографија во којашто што е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од 19. век па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во којшто над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од 19 до 20 век век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“ кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти. Сите овие дела се поставени и во дигитална форма на главната страница на МАНУ.
На промоцијата, на која дојдоа покрај голем број лингвисти дојдоа и министри, политичари, свештени лица, уметници, покрај Коцарев, говореа и академик Катица Ќулавкова, проф. д-р Снежана Велковска, проф. д-р Димитар Пандев и проф. Марјан Марковиќ од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ во МАНУ и дописен член на МАНУ.
Aкадемик Катица Ќулавкова, кажа дека самото објавување и подготовка на овие четири тома делумно е предизвикано од потребата да дадеме конкретен научен одговор на некои ставови кои отстапуваат од научната вистина по однос на потеклото и развојот на македонскиот јазик, а второ, некои од нив на пример како лингвистичкиот атлас, се производ на долгогодишна работа во рамки на меѓународните институции.
На изданијата работеле околу 60 лингвисти.
„Како што успеавме ние да се обединиме и да ги покажеме сите аргументи и научни факти поврзани со македонскиот јазик не само во рамките на нашата земја, туку и во меѓународните проучувања и добивме потврда и од меѓународната научна средина, верувам дека и политиката и политичките чинители ќе ги прифатат тие факти, ќе ги ставаат секогаш пред себе во сите премрежја што нѐ очекуваат и во иднина“, рече Марковиќ.
Б. НЕСТОРОСКА