УСТАВНИТЕ СУДИИ НЕ СЕ ОТКАЖУВААТ ОД БРИШЕЊЕ НА СТАВ ОД ЧЛЕНОТ 353 ОД КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК, ПО ОДМОРИТЕ ЌЕ ВИКААТ ЕКСПЕРТИ ДАЛИ ДА ГИ ЗАСТАРAT ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО

    УСТАВНИТЕ СУДИИ НЕ СЕ ОТКАЖУВААТ ОД БРИШЕЊЕ НА СТАВ ОД ЧЛЕНОТ 353 ОД КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК, ПО ОДМОРИТЕ ЌЕ ВИКААТ ЕКСПЕРТИ ДАЛИ ДА ГИ ЗАСТАРAT ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈОСè уште во Уставниот суд доминира мислењето дека не се виновни на пример министрите за тоа дали е законска постапката за јавните набавки, иако тие ги потпишуваат договорите. Членовите на комисиите за јавни набавки ја тераат постапката, сметаат дел од уставните судии, поради што иницијативата доби продолжен живот (Фото:СДК.МК)

    Мнозинството уставни судии на денешната седница не ја отфрли иницијативата за укинување или поништување на членот 353 став 5 од Кривичниот законик кој ги спасува министрите и други носители на јавни функции од кривична одговорност, кога ќе потпишат незаконска јавна набавка со која го оштетуваат Буџетот, државните фондови и други средства на државата.

    Мнозинството одлучи расправата да продолжи по одморите, значи од септември натаму, и да повика експерти да зборуваат дали да остане ставот 5 во членот 353, или не. По овој став се обвинети и осомничени од СЈО поранешни највисоки функционери во власта, на чело со Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Елизабета Канческа-Милевска, поранешен вицепремиер, кандидат за пратеник и други, но по него се осудени и функционери по обвиненија на Обвинителството Обвинителство за организиран криминал и корупција во минатото.

    Дипломатски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека ако Уставниот суд го избрише ставот 5 од членот 353 од Кривичниот законик и со тоа ги доведе во ризик на застареност најкрупните корупциски предмети пред нашето судство, Република Северна Македонија да заборави на членство во Европската унија.

    Сѐ уште во Уставниот суд доминира мислењето дека не се виновни на пример министрите за тоа дали е законска постапката за јавните набавки, иако тие ги потпишуваат договорите. Членовите на комисиите за јавни набавки ја тераат постапката, сметаат дел од уставните судии, поради што иницијативата доби продолжен живот.

    Ако се поништи ставот 5 од членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластувањата, каде за вакво дело на одговорното лице-сторител му се изрекува казна затвор од минимум 5 години, автоматски ќе  важи ставот 1. Но, ставот 1 предвидува затворска казна од 6 месеци до 3 години. Во ваков случај повеќето од отворените истраги и почнатите судски процеси за вакви кривични дела ќе застарат и ќе се прекинат, бидејќи почнуваат да се пресметуваат други, покуси рокови за застареност. Се отвора можност судиите за кривични дела за тендери, на сторителите да им изрекуваат и условни казни.

    Некои обвинители велат дека ако се поништи овој член, ќе треба да се пријават и сите осудени ексфункционери и одговорни лица по 353 став 5 од 2004 година наваму и да бараат повторување на постапките.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира