ГОРДИ СМЕ ШТО ГО ИСПРАТИВМЕ НА НОЗЕ ИЗЛЕКУВАНИОТ 20-ГОДИШНИК СО КОВИД-19 ЕНЦЕФАЛИТИС, ВЕЛИ НЕВРОЛОГОТ ЗДРАВКОВ ОД „8 СЕПТЕМВРИ“

    ГОРДИ СМЕ ШТО ГО ИСПРАТИВМЕ НА НОЗЕ ИЗЛЕКУВАНИОТ 20-ГОДИШНИК СО КОВИД-19 ЕНЦЕФАЛИТИС, ВЕЛИ НЕВРОЛОГОТ ЗДРАВКОВ ОД „8 СЕПТЕМВРИ“Неврологот од „8 Септември“ Илија Здравков вели дека бројот на примени и бројот на излекувани пациенти последнава недела покажува тенденција на порамнување. - Болницата „8 Септември“; Д-р Илија Здравков (Фото: СДК.МК/принтскрин ТВ Телма)

    По двонеделно лекување, од болницата „8 Септември“ е испишан 20-годишен пациент, дијагностициран со КОВИД-19 енцефалитис, односно воспаление на мозокот, објави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Како што изјави докторот Илија Здравков за „ТВ Телма“, според неговите сознанија, станува збор за шести случај во светски рамки со оваа дијагноза. Тој рече дека се горди што успеале да го испратат пациентот на нозе на домашно лекување.

    „Ова би било шести случај во светот откако е почната пандемијата, на КОВИД-19 енцефалитис. Ние ги следевме препораките на колегите кои ги објавија претходно случаите и за среќа терапијата се покажа дека одлично делува и реагира на пациентот. Денеска сме горди како болница, како тим јас и моите колеги од одделот на неврологија што го испративме пациентот на нозе на домашно лекување“, вели д-р Здравков.

    Тој рече дека пациентот бил примен со отежнато самостојно движење, малаксан со болки во зглобовите и температура. Во болницата ги направиле сите испитувања и откриле дека станува збор за воспаление на мозокот енцефалит. Од респираторниот тракт, коронавирусот преку крвта успеал да стигне и да го нападне мозокот, предизвикувајќи сериозна клиничка слика. Му била давана кортикоидна терапија и антибиотска терапија, а на почеток и антивирална терапија.

    Д-р Здравков вели дека бројот на примени и бројот на излекувани пациенти последнава недела покажува тенденција на порамнување. Додаде дека се оптимисти дека бројот на испишани пациенти ќе го надминува бројот на новопримени пациенти.

    Преставници на болницата „8-ми Септември“ имале средба со министерот Филипче на која побарале болницата да се растовари и да не биде повеќе Ковид центар и да почне да се враќа кон нормално функционирање.

    Министерот за здравство за Телма ја потврдил информацијата дека имал средба со синдикатот на болницата „8-ми Септември“, на која присуствувал и првиот синдикалец на здравство, Љубиша Каранфиловски. Тие добиле ветување дека од септември болницата ќе се врати во нормална функција, но министетрот побарал малку време за да може тоа да се организира.

    Филипче во изјавата за Телма вели дека ги информирал оти во наредните 10 дена ќе почнат подготовките за ослободување на капацитети на „8-ми Септември“ пред се со активирање на модуларната болница до Инфективната клиника.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира