На армискиот полигон Криволак беше уништен дел од неексплодираните средства, кои беа пронајдени изминатите години во земјава. Уништувањето го извршија пиротехничари при Дирекцијата за заштита и спасување. Ова е втора ваква акција за една недела, откако претходното уништување беше извршено во четвртокот.
„Се изврши уништување на 1.200 неексплодирани бомби од Првата и Втората светска војна, како и на 290 тенковски мини. Тие се собирани во период од две и пол години. Дел од нив се пронајдени на линијата на Солунскиот фронт, а некои потекнуваат од воените дејствија во 2001 година“, кажа Ефтим Митрев, раководител на тимот на пиротехничари.
Во Македонија во рамките на Дирекцијата за заштита и спасување има пиротехничари во седум градови: Струмица, Скопје, Битола, Тетово, Кичево, Штип и Куманово.
П. ПЕЧКОВ