1 Пак имаше убиство во затворот Идризово. Затвореник убиец убил друг затвореник, убиец. И – избегал.
Како избегал? Убиецот лежел затвор во отвореното одделение.
Ако осудените за убиство лежат в затвор во отворено одделение, кој лежи во затвореното? Ситните џепчии, или некој што возел без појас и без светла, ама немал пари да си ја плати казната!? Оти, сега тоа е главна фора за казнување.
По сите приказни за дрогите и убиствата во Идризово, најдобро е отсега убијците воопшто да не се затвараат. Не мора да одат во затвор за да ги снајде казна.
2 Министерката за правда Мери Младеновска вели дека “убиствата не се нејзина надлежност”. И нема што да каже, оти е на одмор.
Новинарот на Канал 5 ја фати Мери по телефон, додека се одмарала на некоја плажа во Грција. Таа рече: “Се што имам да кажам ќе и кажам на Владата, Владата ќе издаде соопштение, а Владата сега е на одмор!”
Обично министерката дава разбирливи изјави. Ама, сега беше збунета. Можеби лежела на плажа, па песокот под крпата ја боцкал, не и давал да се сконцентрира. Или, и удрило сонцето в глава, па тешко и течеше мислата. Или, се освежувала со некој коктел. Да речеме, со “Блади Мери”. Оти и одговара на името и на затворскиот случај. Крвава Мери.
Коктелот се прави со вотка, доматен џус, малку целер и црн пипер. Е, тука згрешила нашата Мери. Многу запиперила.
По нејзината изјава од плажата и по скопските кафулиња нема веќе да се служи “Блади Мери”. Во чест на министерката, коктелот ќе добие име “Блада Мери”.
3 Додека Владата се врати од одмор и додека Мери го подготви извештајот и додека Владата испрати соопштение и додека министерот за финансии Никола Поповски одобри вработувања на чувари во затворите, затворениците или ќе се испотепаат меѓу себе, или ќе се предозираат со дрога, или ќе избегаат.
Тоа е најевтиниот начин за рационализација на правосудниот систем. Со природна селекција.
4 Со природна селекција ќе се прават и реформите во здравството.
Од почетокот на месецот во аптеките немаше лекови, оти немало бандероли. Не биле испечатени. Тие што печателе бандероли си го споиле празникот.
И тоа е најефтин начин за рационализација. Нема бандероли, нема лекови. На тие што им требаат, нека умрат. Природна селекција.
5 Печалбари по тетовските села за време на свадби плаќале и по 20 евра за еден рафал. Пукале за здравје на младите.
Печалбарите доаѓаат од Швицарска, Њемачка и слични земји во кои немаат изградено чувство за човекови права, па полицијата не им дозволува да пукаат. Затоа ,тука мораат да платат за да видат што е човечко право без лимит.
Пукањето по свадби за пари се прави со одобрение на меѓународната заедница. Таа до сега два пати успешно спроведуваше акциии за собирање на нелегалното оружје. На последната дури и награди делеа. Ама, калашниковите не се оружје. Им ги оставиле на тетовци, да ги изнајмуваат за свадби. Со нив треба да заработуваат пари. Оружјето во Тетовско е орудие.
6 Тие кај Зајас што носеле пушки не биле свадбари. Потврдено е и од МВР и од Проксима, иако ни едните ни другите не ги виделе.
Еве ја приказната. Прво, во Проксима рекоа дека странски дипломат им пријавил вооружени лица на патот Кичево – Зајас. Штом е странски дипломат, мора да му се верува.
Нашите прв пат не им поверуваа на странските дипломати. Полицијата излегла, ама не ги нашла вооружените.
И Проксима вели дека не ги виделе како изгледаат, ама не биле повеќе од десетмина. И рекоа дека групата од Зајас не е поврзана со онаа од Кондово. Како, кога не ги виделе.
Потоа македонската полиција уште повеќе ја заплетка приказната. Тоа биле ловџии што ловеле еребици, или специјалци што се враќале од Крушево по прославата на Илинден. Подобро да биле ловџии. Оти, ако биле специјалци, јасно е зошто народот не отиде на Мечкин Камен.
На крај за ловџиите и специјалците што не се поврзани со групата од Кондово излегоа виновни медиумите. Ним им треба војна, или барем опасна ситуација за приказна.
За разлика од медиумите, на Проксима не и треба ни војна, ни опасна ситуација. За да остане.
7 Министерството за култура ќе добие нови простории. Ќе ослободи канцеларии во Владата .
Бучко прави простор за нови 40 советници. А може и повеќе, ако се присоберат по канцеларии.