30 ИЛЈАДИ, ГЛАВНО НЕПИСМЕНИ И СИРОМАШНИ НЕ МОЖАТ ДА ЈА ИСКОРИСТАТ КАРТИЧКАТА „КУПУВАЈ ДОМАШНО“, РОКОТ ЗА ТРОШЕЊЕ НЕ СЕ ПРОДОЛЖУВА

    30 ИЛЈАДИ, ГЛАВНО НЕПИСМЕНИ И СИРОМАШНИ НЕ МОЖАТ ДА ЈА ИСКОРИСТАТ КАРТИЧКАТА „КУПУВАЈ ДОМАШНО“, РОКОТ ЗА ТРОШЕЊЕ НЕ СЕ ПРОДОЛЖУВАОд банките велат дека и покрај сите вложени напори, одреден дел од картичките на крајот нема да може да бидат доставени од разни причини - Редици пред компанијата за брза пошта „Делко“ преку која НЛБ Банка ги испорачуваше картичките (Фото:СДК.МК)

    Од 300 илјади граѓани кои ги исполнуваат условите да добијат домашна платежна картичка и да купуваат македонски производи, околу 30-тина илјади уште не можат да ја искористат, иако им следува како помош од државата. Или сè уште не ги подигнале, или не можат да си го активираат ПИН-от, а парите треба да ги потрошат до 15 август.

    Вицепремиерката Мила Царовска вчера кажа дека рокот не може да биде продолжен оти е утврден со владина уредба со законска сила, донесена во вонредна состојба. Сега владата веќе нема такви надлежности, а Собранието сè уште не е конституирано и во моментов нема опција како рокот да биде продолжен.

    Исправени пред своето основно информатичко непознавање, немање своја електронска пошта, компјутер или смартфон за да си ги ажурираат своите лични податоци во банките, многу граѓани од социјално ранливите категории, се мачат како да дојдат до помошта што им ја даде државата.

    Од НЛБ Банка, една од деветте банки преку кои беа доделени домашните платежни картички велат дека тие како општествено одговорна компанија ја поддржале иницијативата на Владата за парична помош на 4 категории граѓани преку изработка и достава на вкупно 113.000 картички. „До овој момент изработени и испорачани се повеќе од 86% од вкупниот број на картички предвидени за достава, или околу 97.000 картички“, велат од НЛБ.

    Банката за САКАМДАКАЖАМ.МК ги наведува причините за тоа што дури 16-тина илјади нивни корисници уште не ги добиле платежните картички што им се дадени како државна помош.

    „Еден од поголемите предизвици со кои се соочуваме при испораката на картичките, се неточно ажурираните податоци од клиентите. Неможноста од контактирање или немање на точни адресни податоци го пролонгираше првичниот рок за достава кај овие крајни корисници. Исто така се соочуваме и со корисници на домашната платежна картичка кои не живеат во Република Северна Македонија, со ‘корисници’ – починати лица и слично, за кои не сме во можност да извршиме достава. И секако, не треба да ги изземеме предвид и оние кои ја одбија помошта. Сепак, нашето уверување и напори се дека најголемиот број на корисници на домашна платежна картичка ќе ги имаат средствата и картичките на располагање до крајниот рок за користење 15 август 2020 година“, ни одговорија од банката, која патем е единствена на пазарот која се одлучи доставата на картичките да биде лична, на домашната адреса на корисниците на ДП-картичка.

    Сепак, останува проблемот со граѓаните од социјално-ранливите категории, меѓу кои има и такви кои не се воопшто писмени, не се информатички писмени или немаат компјутер за да отворат мејл и да комуницираат со банките. Има многу граѓани низ целата држава чии картички останаа со неактивни пинови.

    НЛБ Банка картичките ги испорачуваше на домашни адреси преку компанијата за брза достава на пратки „Делко“. Но, велат оттаму, за квалитетна достава, треба точни податоци од клиентите. За точни податоци, треба на веб страната на банката тие самите да си ги ажурираат. Банката ги поттикнала на сите можни начини корисниците да си ги ажурираат личните податоци неопходни за навремена достава на картичките, но бадијала, кога многу од корисниците не разбираат што се бара од нив.

    „Сепак и покрај сите вложени напори, одреден дел од картичките на крајот нема да може да бидат доставени заради повеќе причини: клиенти кои ја одбиле помошта, лица иселени во странство, починати лица, неконтактибилни лица со целосно неточни контакт податоци и др. За овие клиенти картичките ќе бидат угасени, а средствата ќе бидат вратени назад во буџетот“, велат од банката.

    Во Комерцијална банка АД Скопје се распоредени 53.000 корисници на државна финансиска помош од сите 4 категории. Од таму велат дека до крајот на минатата недела повеќе од 92% од нив се веќе подигнати од страна на клиентите.

    „Како и во секој помасовен проект, кога станува збор за илјадници картички, најважен е квалитетот на податоците на клиентите. Генерално банката, немаше некои потешкотии во тој процес и целиот проект се одвиваше согласно зацртаната интерна динамика. Банката ги изработи сите картички и ги информираше сите свои клиенти за кои имаше контакт, а самиот број на подигнати картички укажува дека процесот тече без застој. Дополнително, дел од клиентите самостојно ги ажурираа своите податоци, што овозможи подобрување на првично добиените податоци. Дополнително на веб страницата на Банката, само со внесување на ЕМБГ на клиентот, можеше да се види стаусот на секоја картичка, како и Експозитурата/Филијалата каде истата може да ја подигне, како уште еден канал за известување покрај СМС порака или Е-маил“, велат од Комерцијална банка.

    Подигнувањето на картичката е желба на самиoт клиент, смета банката и додава дека сите што сакале да дадат и дале точни податоци за себе, си ја подигнале.

    „Согласно договорот склучен со Владата, банката е обврзана картичките да ги изработи и да ги информира клиентите каде може да ја подигнат, што Комерцијална банка АД Скопје го направи во целост за сите досега добиени податоци“, децидни се од Комерцијална.

    Стопанска банка АД Скопје во одговорот до САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека кај нив нема предадени картички на клиенти, кои досега не се активирани. Но, и таму има 10 отсто неподигнати картички.

    „Веруваме дека мал процент од картичките нема да бидат подигнати поради разни причини како на пример: отсуство на граѓанинот од државата, незаинтересираност и слично“, велат од Стопанска банка АД Скопје.

    Прашани за картичките кои се испраќаат во погрешен град, филијала и адреса, банката вели дека тоа го средува веднаш.

    „Изработените картички за клиентите Банката ги дистрибуираше соодветно во градовите/општините во согласност со податоците кои Банката ги доби од организаторот на проектот. Во сите случаи (без исклучок) каде врз основа на телефонско барање на клиентот преку 24/7 Контакт Центарот е побарано картичката да се испрати во друга филијала, картичката се доставува во посакуваната филијала во местото на живеење на клиентот, без никаков ризик од злоупотреба“, тврдат оттаму.

    Министерството за финансии, како и банките што ги консултиравме, велат дека се работи за исклучително обемна мерка, која од нејзино конципирање до реализација се спроведе во многу краток рок: од носењето на уредбата до издавањето на првата картичка поминаа само 2 недели.

    „На 17 мај беше усвоен третиот пакет мерки од кој е дел оваа мерка, на 27-ми мај беше донесена Уредбата, на 10 јуни беше пуштена веб-страната kupuvamdomasno.gov.mk и објавена листата на граѓани на кои им следи домашна платежна картилчка, а на 12 јуни веќе беа издадени првите платежни картички“, вели Министерството за финансии, кое смета дека граѓаните кои досега не се, мора барем минимално да се описменат и да имаат свој мејл за комуникација со банките и со други институции, бидејќи плаќањата и трансакциите во 21 век никаде не се вршат повеќе на стариот начин со рачна и физичка исплата во готовина.

     

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира