1 Изгледав уште една претстава со наслов “Дебата за закон за медиуми”. Во државата во која дебатата е непожелна дури и за садење и сечење дрвја, ние дебатираме дали сами ќе си ја ограничиме слободата. Па доаѓаат експерти од ЕУ, па ОБСЕ дава изјави, па едното здружение на новинари се буни, па другото, исто така, се буни, ама помалку, па едниот синдикат бојкотира расправа, а другиот синдикат го нема, па разни невладини организации даваат амандмани, а Владата дава контраамандмани, па ВМРО-ДПМНЕ вика дека по европски терк ќе го среди новинарството, а СДСМ вели дека кога ќе дојде на власт ќе го укине законот оти не е европски, ДУИ гледа сеир и вика дека “можеби некаков закон треба да има”…
Притоа, гледам, доста успешно е создадена атмосфера дека меѓу себе се караат новинарите. Едните биле за СДСМ, а другите за ВМРО-ДПМНЕ. Едните биле за професионалност, а другите не биле. Едните биле патриоти, а другите биле предавници. Едните биле платени со чисти пари, а другите со нечисти пари.
Чешање јазик и губење време за нешто што е толку јасно напишано во Уставот што не треба ни правник да го толкува.
Е па не е за новинарите. Не е ни за новинарството. Ова не е само новинарска дебата. Затоа што законот не се однесува само на новинарите и на медиумите. Законот се однесува на сите граѓани на државата. Вклучително и на власта и на нејзините поддржувачи. Иако можеби во овој момент ним тоа не им е толку јасно. Ќе им стане јасно кога ќе се смени власта, кога и да се случи тоа. Затоа што со овој закон и тие си ја ограничуваат слободата на информирање што им е гарантирана со Уставот. Ова е замајување на јавноста, при што сите, ама баш сите, треба да си најдеме одговор на единственото и основно прашање: Сакаме ли ние слобода, или не?
2 На 17 ноември 1991 година, значи во демократска, плурална и независна Република Македонија, Собранието донесе Устав со кој се гарантира слободата на изразување. Дваесет и две години подоцна, наместо да зборуваме за освојување уште поголеми слобода, оти слободата нема граница, Владата нè вовлекува во дебата дали да си ја одземеме и оваа слобода што ја имаме. Глупости!
Зошто?
Затоа што во тој Устав пишува дека “се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата”. За што сака Владата да дискутираме сега? Дека за јавното изразување на мислата треба некој да ни даде дозвола?
Во Уставот пишува и дека “се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување информации”. За што сака Владата да дискутираме ние сега? Дека за пренесување информации треба да се побара дозвола од цензорско тело?
Во Уставот пишува и дека “се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање институции за јавно информирање”. Појасно, здравје.
Конечно, во Уставот пишува и дека цензурата е забранета. Тогаш каде е логиката Владата да организира дебати за тоа кој сè може да биде член на цензорско тело и како ќе се избираат цензорите во држава во која Уставот забранува цензура!?
3 Смее ли да се зборува во оваа држава? Смее. Според Уставот.
Смее ли да се пишува во оваа држава? Смее. Според Уставот.
Смее ли секој да зборува и да пишува? Смее. Според Уставот.
Смее ли секој што си сака да си отвори медиум за зборување и за пишување? Смее. Според Уставот.
Е па ако веќе наумиле да го регулираат зборувањето и пишувањето, и за тоа да мора да се бара дозвола, тогаш дај пред да го донесат законот, нека го сменат Уставот. Всушност, зошто да го менуваат? Нека го укинат.
4 Не се сомневам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го донесе законот. Дебата или не – закон ќе има. Туку анџак ќе се делат лиценци за зборување и за пишување, а регулаторно тело ќе го контролира зборот, дај да продолжиме да остваруваме, па да видиме што сè може да се регулира со лиценци. Кога веќе со лиценци е одредено кој може низ шумите да бере јаготки и печурки, нека се воведат и лиценци за одење по улица. Не може кому му текне како сака да се движи. Па ќе имаме лиценци за одење по левата страна, и одење по десната страна.
Или нека се воведат лиценци за одење во самопослуга и на пазар. Нема што по дома да се расправаш кој да купува и колку да купува. Па уште и бракови може да се растураат на таа тема. Ќе си има независно регулаторно тело избрано од мнозинството во Собранието, оти така решил народот и врз основа на прецизни статистики усогласени со порастот на БДП, ќе го контролира движењето по пазарите и супермаркетите.
Башка, што држава е таа која дозволува онака хаотично лежење по плажите. Каков е тој неред? Не се знае кој лежи под чадор, кој под палма, а кој под жална врба. А нема ни независно регулаторно тело што тоа ќе го санкционира. Анархија пар екселанс.
Изгледа апсурдно? Не. Баш е логично. Па ако Владата успее и дозволата за зборување да ни ја продаде како европски стандард, тогаш сме заслужиле да ни воведат и лиценци за дишење.
Ах, таа чудесна Македонија.
5 Откако успешно го совладавме најголемиот предизвик кој стоеше како пречка за среќна иднина на Македонија и запаливме копија од Букурешкиот договор од пред 100 години, сега останаа уште неколку ситни замки кои, евентуално, можат да го закочат извесниот просперитет.
Едната е ако на Денот на дрвото не успеат да се посадат по двесте палми во Охрид и во Дојран како компензација за петте исечени дрвја во центарот на Скопје пред Бристол.
Другата пречка е ако СДСМ никогаш не $ одговори на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, еве, веќе цела недела не кажува колку згради на Плоштадот во Скопје ќе изграделе тие пред не знам колку години и колку дрвја ќе исечеле.
И третата, не толку непремостлива, но сепак значајна пречка е дека бројот на разводи расте оти жените сакале да магистрираат и да докторираат.
Ова беа трите главни вести со кои отвораа вестите на јавниот сервис и на повеќето телевизии.
Среќа што министерот за финансии Зоран Ставрески се врати од одмор и ни кажа колку ни е убаво и колку ќе ни биде уште поубаво. А уште поголема среќа е што дојде брат му на Обама од Кенија и забележа дека во Македонија имало многу убави жени. Покрај неговите 12.
И после се чудиме зошто сите масовно гледаат турски серии. Па тоа што во нив се случува има повеќе врска со реален живот отколку вестите на нашите телевизии.