1. Претседателот Киро Глигоров е добар. Дефинитивно. Во недостиг на официјални лекарски извештаи за неговата здравствена состојба, доволно уверливо дејствуваат и некои партиски реакции. Како, на пример, она завчерашно соопштение од Извршниот одбор на Либералната партија. Сигурно претседателот се подготвува наскоро да ги преземе своите должности, па сега се прави рекапитулација кој и што работел во негово отсуство. Човекот ќе се врати, па не е на одмет да му се пофалиме што сме направиле. Ако тоа воопшто има смисла. Како тој да не знае со кого си имаше работа пред атентатот.
И состојбата во државата е нормална. Повторно профункционира Сојузот за Македонија. Како што си функционираше и пред атентатот. По соопштението на либералите, според кое треба да му се заблагодариме на господ што ги измислил и кај нас, зашто ако не беа тие, отиде цела држава јабана, редно е, според кусата традиција на Сојузот, сега да се јават социјалдемократите. Можеби нема да прочитаат соопштение во кое ќе изнесат високи оценки за своите министри, ама сигурно Фрчковски ќе се појави во некоја емисија.
Во принцип, сосема е нормално една партија да расправа за своите луѓе кои во еден чувствителен период се нашле на клучни места во државата – Андов го заменуваше Глигоров на местото шеф на држава, а Стево Црвенковски го конкретизираше тоа што го договори со Грција, ратификуваше спогодби, дигаше знамиња… Во принцип ништо не може да се забележи на ставот на либералите дека “за стабилноста на нашата држава од огромно значење е успешното функционирање на парламентарната коалција на партиите, која сега е на власт”. Исто како што, повторно во принцип, мене како граѓанин ми е апсолутно сеедно која партија како си ги оценила своите членови, па затоа и сметам дека ова соопштение на либералите е адресирано помалку кон мене како граѓанин, туку повеќе кон коалициониот партнер со кого, нели, уште од времето кога ја формираа Владата и кога ги делеа министерските места, имаат добра соработка. Во принцип.
2. Принципиелната коалиција сега има шанси повторно да ги обедини редовите по прашањето на Сорос. Затоа што и либералите сметаат дека “ни еден министер од сегашната коалиција не треба да седи ниту еден час во влада која воопшто помислува да избира меѓу господинот Глигоров и господинот Сорос”.
Не верувам дека некој во Владата прави таков избор. Особено што по сите сплетки што се појавија во врска со името на Сорос, врзани со македонската политика, би било наивно некој да смета на поддршката на политички мртов човек. Неговото име сега е добро само за ситни партиски потпикувања. На пример, само да се регистрира со кого вечерал.
Морам да признаам дека мене ми е многу тешко да регистрирам што сака да каже Сорос, секогаш кога ќе дојде во Македонија. Освен што редовно ни ги караше политичарите и новинарите, секогаш даваше една изјава на пристигнување, а друга на заминување. Па не знаеме дали тој се обидувал да посредува во спорот со Грција или не, дали го поддржувал нелегалниот тетовски универзитет или не, дали се согласувал со претседателот Глигоров или не, дали има поддршка од Владата или не…
При неговата последна посета се жалеше дека бил погрешно интерпретиран. Веројатно со неговите предлози за “Славомакедонија” и за унилатерално менување на знамето пред преговорите со Грција воопшто и да започнат. Што се однесува до интерпретацијата, не би требало да има дилеми. Се сеќавам дека бев речиси шокиран кога од Кабинетот на претседателот Глигоров пристигна официјално соопштение во кое се велеше дека на средбата со Сорос биле изразени несогласувања во однос на грчко-македонските односи. Соопштение со таква формулација до тогаш беше незамисливо од Кабинетот на шефот на државата. Ако и по тоа соопштение на Сорос му беше потребна некоја друга интерпретација и ако во потрага по неа сега пушта гласови дека Владата не мисли исто како Глигоров, тоа е веќе негов проблем. И тоа, се надевам – личен. Нема потреба цела држава да се потресува со државничките амбиции на Сорос. Освен тоа, белким му ги вративме оние дваесетина милиони долари со кои, своевремено, истите оние што сега го критикуваат го направија национален херој.
3. Останав без здив кога ги видов моќните хуманитарни хеликоптери на македонското воено воздухопловство, како сите – два, учествуваат во заедничката вежба на американската и македонската армија “Пријателски скок”. Се вршеше падобрански десант во близина на Куманово. Сите десет падобранци, на снежната ледина, во невозможни временски услови, успешно ја завршија падобранско- диверзантската акција и со тоа го отворија патот за зачленување на Македонија во НАТО.
Мора да се признае, на тој студ, на снегот по тревата, со Куманово во магла во заднината, најмоќно, дури помоќно и од хеликоптерите, изгледаше министерот за одбрана Благој Ханџиски. Во маскирна униформа, со строг поглед кој ја оцртува неговата решителност што поскоро да се достигнат стандардите на НАТО и со добро негуваната професорска брада, неодоливо потсеќаваше на Фидел Кастро на млади години. Само што, за разлика од кубанскиот Кастро, нашиот Ханџиски е добар со Американците. На Кастро му беше страв да не му направат Американците инвазија на Куба. Нашиот Кастро, заедно со Американците, прави инвазија на Куманово.