1 Не сум по спортот. Не сум многу ни по навивањето. Ама неделава интензивно се посветив на ракометот. Морам да признаам дека не можев да ги сконтам сите можни комбинации од типот кој кого да победи, колкава да биде разликата, кој би било добро да се повреди, кој смее да скрши рака, кој на кого треба да му попушти и чија националност треба да бидат судиите за да игра Македонија во полуфинале.
Најзбунет бев кога играа Полска и Германија. Супер беше додека Полска водеше еден до два разлика. Но кога Германците почнаа да даваат голови повеќе отколку што ни одговараше, ми рекоа да навивам за Германија. На крај победи Полска и коментаторот со олеснување ни порача: Ај сега навивајте за Шведска, а против Данска. Додека дојдоа нашите да играат, веќе не знаев за кого да навивам. За Србија, или за Македонија?
Ова е тема за анализа на психолошката состојба на еден просечен Македонец. Чека некој друг да му ја заврши работата. Или, некој да н сожалува и да ни попушти, оти сме мали и симпатични.
Во целата таа комбинаторика најголема трагедија ќе беше да победеа и Полска, ама и Шведска, а ние да изгубевме од Србија. Дури тогаш ќе беше “Оф леле, има ли понапатен народ од македонскиот”.
2 Ги анализирав и изјавите на капитенот Кире Лазаров. И тој придонесе за дефинирање на психолошкиот профил на Македонецот кога рече: “За нас станува проблем кога ќе стигнеме до убедлива предност, бидејќи не сме навикнати на такви позитиви кога против себе имаме елитни репрезентации на едно големо натпреварување”.
Што сакаше да каже Кире? Ние едноставно не сме навикнати да водиме, да добиваме, да победиме… И после нормално е да се радуваме предимензионирано. За четврто, за петто, за шесто место. Што да е. Нормално е и вонредни вести на телевизија да се прават кога ќе се квалификуваш за натпревар за петто место. При што најмногу се возбудив на еуфоричниот дијалог на новинарот со група навивачи на улица: “Каде одите сега? Па еве одам да ја испратам другарка ми дома”. И нормално е во држава во која невработеноста е 30 отсто, дури 23.000 луѓе да се пријават за бесплатен пат до Белград во понеделник работен ден, а капитенот воодушевен од навивачите да се чуди: “Работи ли некој во Македонија!?” Од Претседателот на државата, преку пониските политичари и македонската бизнис елита, па надолу.
Како што рече водителот на Македонската телевизија, “сите ние имаме по некој во Белград, па ќе се снајдеме”. Е па, одо ја за Београд.
3 Коментаторот на еден од натпреварите очајно молеше: “Да издржиме уште осум минути”.
Како бе да издржиме? Кога, на пример, “Да издржиме” би рекол германски спортски коментатор? Попрво би викнал: “Ај сега да им дадеме уште осум гола, да ги згазиме”.
Ама ние не одиме да победиме. Ние одиме да издржиме.
Така издржуваме додека дојде платата, па издржуваме додека не те вработи ВМРО, издржуваме да помине јануари, оти февруари е покус и полесно ќе се издржи, издржуваме чекајќи за лекарски прегледи со часови и со месеци ако треба (некои, за жал, не додржуваат), издржуваме додека не се смени СДСМ, па после издржуваме додека не се смени ВМРО.
Како што би рекол Кире: “Не сме навикнати”. Не сме навикнати да живееме. Ние сме си навикнати да издржуваме.
4 Владата во два наврати плати воз да однесе по 1.000 навивачи за Белград. Ама првиот пат нешто се зезнало со организацијата, па некои од навивачите што добиле на лотаријата на Македонската телевизија останаа дома. Ги гледав изјавите на измамените патници на некои вести. Ги емитуваа со заматено лице оти “се плашеле да зборуваат пред камера”.
Ете уште една слика за психолошката состојба на Македонецот. Кај го убедиле да се пријави на Интернет, кај го извлекле, кај го станале во рани зори, кај го малтретирале на Железничката станица, кај не заминал за Белград, кај за негови пари носат 1000 луѓе за Белград, тој за секој случај не го вади кубурот. Дава изјава, ама да не му го покажуваат лицето. Оти се плаши.
Од што се плаши? Од победа? Да не го качат во вториот воз, ако видат дека луѓето се бунат?
Психолошката состојба на Македонецот е трпна состојба. Да трпи. Да издржува.
И после се чудевме кога Данецот за две секунди успеа да ја префрли топката и да даде гол. Ама тој отишол таму да победува. Не да издржува.
5 Имаат ли право Албанците, нормално, ако сакаат, да се радуваат за успесите на Македонија? При тоа не зборувам за тие што земаат пушки да се борат против сопствената држава и изигруваат борци за човекови права. Зборувам за мојот комшија, за мојот колега, за мојот другар кој сака да биде патник во возот за Белград спонзориран од Владата на Република Македонија. Затоа што Македонија ја чувствува како своја држава.
Кога во еуфоријата, “А бре Македонче” ќе се запее во извитоперена верзија, па наместо “клетите фашисти”, ќе требаат “клетите Шиптари” да разберат дека македонско име нема да загине, не знам како би се чувствувал кога би бил Албанец. Оти и како Македонец не се чувствувам добро. Затоа што не се согласувам со таков идиотски изблик на национализам.
За разлика од албанските интелектуалци, кои обично молчат за национализмот кај “својата” страна, јас излегувам и се бунам против национализмот на “мојата” страна.
Не е доволно премиерот Груевски да каже дека не слушнал такво навивање и да го осуди. Затоа што државна институција Агенцијата за спорт и млади е организатор на патувањето на навивачите. Возот и билетите се купени со државни пари. Најмалку што треба да направи премиерот е да го повика директорот што го поставил и да му рече да си најде начин да ја среди таа работа. И никогаш повеќе националистички песни да не се пеат на трибините.
Зборуваме за организирана држава, каква што нели остваруваме. Ако веќе трошат мои пари, не сакам како даночен обврзник да плаќам за поддршка на чиј било национализам или екстремизам, од којшто може сите да настрадаме.