Живела Југославија

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:133:"ИзгледадекаКироГлигоровнееумрен.Самонавремесетргналодземјава.

    1 Веќе ни е страв на колегиум да проговориме за некоја тема што треба да се објави во весник. Пишувавме за урбаниот хаос на Водно, за тоа дека планината ќе се лизне и дека не може да издржи толкави згради чудовишта и се урна потпорен ѕид. Пишувавме за хаосот во езерскиот сообраќај и претоварените бродови и потона брод. Пишувавме за беснеењето на скутерџиите и еве веќе има и загинат турист. Пишувавме за дивите шанкови и тројца загинаа од струен удар. Пишувавме за зачестените инциденти на владиното авионче и падна “кингерот”, ни го отепа Претседателот…
    Не дека сме како баба Ванѓа. Не дека предвидуваме несреќа. Туку дека тоа што го пишуваме е логично и здраво размислување. Кое подразбира и поставување логични прашања. Како може овој рид да издржи толкави згради? Како може меѓу зградите да се протне пожарникарско возило? И не само на Водно. Низ цело Скопје никнаа згради во кои комшиките преку тераса можат да си разменуваат кафе и шеќер. Каде ќе паркираат станарите? Каде ќе се движат пешаците? Како ќе се снајдат инвалидите? Што ќе се случи кога ќе надојде Вардар, како што знае да направи на секои десетина години, и како ќе тече реката кога ќе ги стават сите мостови, плус бродовите? На земјотрес не смеам ни да помислам.
    И после ние сме лошите што сме прашувале. Кој изгласал такви урбанистички планови? Кој дал дозволи за градење? Кој дозволил Претседателот да го возат пилоти хонорарци? Кој дозволил диво продавање карти за брод? И ред други логични и разумни прашања. Па наместо одговори, не обвинуваат дека им го уништуваме бизнисот и им го нарушуваме угледот. Па прашуваат по чиј налог сме пишувале. Не влечкаат со години низ судските лавиринти. Оти, се било според законот. И така е. Оти кај нас законите лесно се изгласуваат и уште полесно се кршат. Ама со природните закони тоа не оди така лесно.
    И така дојде до судир на законите на послушните гласачи од политичките партии и законите на природата. Се судрија урбаната мафија и потпорниот ѕид. Попушти попаметниот.
    2 Многу ми е криво што Мирослав Илиќ и Лепа Брена биле скарани. Па на Пиво фест во Прилеп ќе пеат во различни вечери. Така што, бранителите на македонскиот идентитет не ќе можат со солзи во очите, допивајќи го пивото во жешката јулска ноќ, сложно да ја запеат легендарната песна на Брена и Мирослав Илиќ: “И све што сам реќи знао, у срцу сам записао живела Југославија” (И се што сум знаел да кажам во срце сум го запишал да живее Југославија). Ќе мора да се утешат со стиховите на Џеј Рамадановски, кои се сосема пригодни во духот на тутунарите, презадоволни од субвенциите на Владата : “Угасила си ме као задњу цигарету” (Ме изгаси како последна цигара). А бидејќи Прилеп е и град херој, плус градоначаникот е ВМРОвец со конзервативни идеи за семејните вредности, кулминација ќе се доживее на “Раѓај синове, иди другоме” (Раѓај синови, оди другому).
    Дефиниран е ендемски вид на македонски патриот: Името не го дава, идентитетот му е светиња, пие млако пиво, се пали на српски песни и се сонча на грчка плажа.

    3 Најпознатата српска турбофолкерка Цеца, пред да ја стават во куќен притвор, пред две години исто така пееше на Пиво фест во Прилеп. Отпеа најчесно. А патриотизмот кулминираше со “Кад би био рањен, крви би ти дала” (Кога би бил ранет, би ти дала крв). Ние не и дадовме крв, ама ја освеживме со хонорар од педесетина илјади евра, платен од буџетот на Општината.
    На помалку од сто километри од Прилеп, во манастирот “Свети Ѓорѓи” во Курбиново пропаѓа фреската на Ангелот што секој ден ја гледаме на банкнотата од 50 денари. Државата има пари за Цеца и за Брена, има пари за српската леарница што го лееше Тодор Александров, има пари за светла за нови барокни фасади, ама нема пари да го заштити најзначајното културно богатство од предренесансата. Паско Кузман вика: “Криза е”.
    Е да. Криза е. Ама криза на идентитетот е.

    4 СДСМ бараше да се установи нова државна награда што ќе се вика Киро Глигоров. Два дена се расправаа со ВМРО-ДПМНЕ во Собрание. За едните заслугата на Глигоров за независна Македонија е неспорна. А за другите Киро Глигоров е контроверзна фигура и требало да помине поголема временска дистанца.
    И Киро не доби награда. Ама вчера одржа прес ВМРОНародна. Чиј лидер е Љубчо Георгиевски. Најголемиот идеолошки противник на Киро Глигоров. Човекот кој целата политичка кариера ја градеше со напаѓање на политиката на Глигоров. Неговата партија вчера соопшти дека, покрај на Љубчо, “и придонесот на Киро Глигоров е голем и историски” и побара да му се даде “достоинствено место во општествениот живот и во историјата на Република Македонија”.
    Луѓе мои, што се случува? Се испреврте државава.
    Изгледа дека Киро Глигоров не е умрен. Само на време се тргнал од земјава. За да не го гледа овој циркус.

    5 Не се во право тие што го критикуваат Груевски дека спомениците низ Скопје се поставени без логика и значење. Напротив. Груевски со спомениците сака да направи вистинско национално помирување. Кога ќе го видиш списокот на личностите што се овековечени, ќе се соочиш со познатиот историски факт за Македонија: Половина од тие што добија споменици ја отепале другата половина што исто така добија споменици.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира