1 На радио тече блок реклами. Една туристичка агенција нуди аранжмани за Турција. Друга нуди аранжмани за Грција. И среде блокот туристички реклами се емитува реклама на скопската општина Аеродром. Еден милозвучен женски глас се фали дека во општината имаат четири парка. И рекламата завршува со слоганот “Летувај во своето маало”.
Што убаво. Оваа реклама им доаѓа како утеха на тие што ги слушаат рекламите од туристичките агенции, ама немаат пари да уплатат летување. Оти ете и тие ќе одат на летување. Во своето маало. А и што бараат подалеку кога во своето маало имаат и паркови и езерца и цркви. Башка, рекламата ја следи и генералната партиска линија. Кога даваше отчет за сработеното, премиерот рече дека оваа Влада асфалтира регионални патишта, а не гради автопати, оти луѓето и онака не ги користеле, па не им требале. Така што, автоматски влегуваме во положение на премиерот. Зошто да арчиме пари за автопати кога можеме на споменици и огради. Патиштата и онака ни служат само за да ги транспортираме со автобуси од град до град партискитеактивисти на партиски митинзи.
А за што друго би ги користеле автопатиштата? Каде би оделе кога не мора да мрдаме подалеку од своето маало? Впрочем, зошто воопшто и би патувале некаде? Освен ако немаме намера трајно да се иселиме од земјата. А за тоа имаме аеродром. Машала, голем ни го направија за да не се туркаме кога ќе си заминуваме.
2 Нашето маало е една фина изолирана средина во која ние не се оптоваруваме со светските настани и н не интересира до каде стасале другите маала. Додека цел свет се занимава со Олимпијада, ние се занимаваме со други олимписки дисциплини. Го следиме натпреварот каде ќе се појави Никола за да му одговори нешто на Бранко. Додека сите бројат колку медали освоила нивната земја, ние броиме колку луѓе се собрале на митинзите на СДСМ и колку пресконференции одржал Бичиклиски за да потсети на шверц на нафта од пред шеснаесет години. Додека сите гледаат Олимпијада на телевизија и навиваат за своите спортисти, ние гледаме вести и навиваме за ВМРО или за СДСМ. Кому му е важно дека за четири години ниеден македонски спортист не успеал да достигне ни олимписка норма, а камоли да се бори за медал кога имаме посуштествена дилема за решавање. Дали за изградбата на хидроцентаралата “Света Петка”, за која веќе сме заборавиле кога почнала да се гради е позаслужна СДСМ, или ВМРО-ДПМНЕ.
3 Во нашето маало секој ден н убедуваат дека ни градат споменици за наше добро. Премиерот на Илинден дури и се крстеше пред нив. Ама затоа пак, кога во нашето маало ќе скршиш колк, не може да те оперираат оти квотата за вештачки колкови за тој месец се потрошила. Нема пари. Можеби спомениците навистина се убави и околу нив ќе се сликаат туристи, ама што имаш ти од тоа ако добиеш катаракта, а не можат да ти ги оперираат очите оти и квотата за леќи е надмината. Нема пари. Можеби спомениците навистина ќе придонесат за национално помирување помеѓу бугароманите, србоманите, комунистите и капиталистите, ама што имаш ти од тоа ако си на дијализа и знаеш дека ќе добиеш хепатит Ц како добро утро.
Така што, кога ми држи премиерот празнични говори во кои зборува дека “реформите за достигнување на стандардите го имаат нашето полно внимание и активизам”, не знам дали мисли на спомениците, или на болниците. Дали министерот за здравство Никола Тодоров ќе ги подигне шалтерите за да не се наведнуваме и тоа ќе ни го продаде за реформа, а ние ќе го купиме без прашување.
4 Нашето маало е единствено и по тоа што среде лето, на први август ти го поскапуваат греењето во време кога трошиш струја за ладење. Ама и струјата ти ја поскапуваат. А Државната регулаторна комисија тоа го прави со некакви глупави образложенија за кои ни самата не може да им најде логично објаснување. Освен што н убедуваат дека нашето маало е поевтино од другите маала. А од каде знаеме кога не сме биле? А и што бараме да одиме кога нашето маало е најубаво?
Само им се чудам на будалите што си отишле од нашето маало и не се враќаат. Праќаат по некое евро или долар колку за да ни живее администрацијата, доаѓаат еднашдва пати годишно и ни завидуваат: “Што било убаво тука, во нашето маало”. И по дветри недели си го фаќаат авионот и одат да се мачат. Сиромашките тие. Не знаат таму што криза ги чека. Бегаат од тука, а ние сме трети реформатори во светот.
5 Ако одиме на одмор, ќе се вратиме банкротирани или задолжени со картички. Сметките за струја не ги плаќеме, или доцниме со плаќањето, не оти сме неодговорни, туку затоа што немаме пари. Имаме други приоритети за плаќање. Се откажуваме од парно, не за инает на комшиите, туку затоа што немаме пари и нивното да го плаќаме. Платите и пензиите едноставно не стигнуваат. Дури ни за одморот во наше маало.
Бранко или Никола, Љубчо или Љубе, Ахмети или Тачи, и кој се не транзициски херои, нам ни е убаво. Струјата ли поскапела, на парно ли мора да се грееме, коли ли ќе возиме, и што храна ќе јадеме, деца ли ќе школуваме, за здравје ли кредити ќе дигаме, нам ни е сеедно. Не видов дека некој се побуни.
На крајот на денот с се сведува на тоа дека ние сме сиромашни. Сиромашни во духот. Исто колку во џебот.