Ни деведесеттото лето од животот не го колеба највозрасниот жив битолски кондураџија Мендо Темелковски-Тенкот (или Тенко по битолски) секое утро возејќи мотор да го отвора кондураџискиот дуќан на Ат Пазар. Не се откажува ни од занетот, ни од хобито. Некогаш бил сервисер на најпознатите чевларски компании во поранешна Југославија и ги поправал обувките што муштериите ги носеле на рекламација. Поправал и правел чевли, дневно низ раце му минувале десетици обувки, а денес ќе потпоправи некој чевел колку за да ја засити страста кон занаетот.
На младост, на мотор со сопругата патувал и до Бургас, Бугарија, а сега маршрутата му е од дома до дуќанот.
„Кондураџија сум од 1954 година до сега. Јас работев порано во државни претпријатија како ‘Мичурин’, па ‘Металец’. Но, на крај одлучив да работам во дуќанот на татко ми. Тој беше кондураџија од 1926 година, па дури не остаре. Порано се живееше од чевларство. Прво почнав со крпачки работи. Жителите од село доаѓаа во Битола и им ги крпевме и лепевме опинците. Во тоа време, да се купат чевли беше многу скапо. Во 197-те години веќе презедов и чевли да правам. Имав калапи дури од Словенија. Станав и сервисер на многу познати фирми од Југославија кои продаваа чевли во Битола“, кажува Темелковски.
Со копнеж се присетува на старото време во чаршијата кога била полна кројачи, самарџии, терзии, а најмногу бакали и анови. Тогаш, занаетчиските дуќани биле сврталиште на многу занаетчии и пријатели.
„Тавата на оган, се спржнуваше мезе и седенки се правеа. Од другари и клиенти не се влегуваше во дуќанот. Тоа беа златни времиња на чаршијата. И сега ја отклучувам вратата, ама времето не се враќа. Јас дури и Америка заминав во 1970-те но поседев само пет месеци и се вратив назад, тука ми беше полна душата“, вели кондураџијата.
Денес нема кој да го продолжи неговиот занает. Потомците имаат други занимања. Некогаш Битола, според одредени статистики, имала 200 чевлари, а денес се само неколкумина.
„Имам уште знаење за работа, но веќе ги нема старите квалитетни лепила, кожа, ни ѓонови. Се обидував со сегашното лепилото, ама гледав дека повеќе се купуваат чевли отколку што се поправаат, па полека згаснуваше и мојот занает“, вели Темелковски.
Покрај големата љубов кон чевларскиот занает, бил многу приврзан за моторите и фудбалот. Прекарот Тенк го добил играјќи фудбал, а слободното време го користел да патува со мотор.
„Кога се женив од Битола до Бургас отидовме со сопругата на мотор. Се чудеа Бугарите. Моторот беше ‘ДКВ’, а тие имаа некои помали моторчиња, сите гледаа и се чудеа. Не можам да се откажам ни од моторот, ни од дуќанот. Можам и сега да поправам чевли и да возам мотор, ама не како порано, годините си го сторија своето“, вели Темелковски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА