Иницијативниот одбор за организирање вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставка на лидерот на партијата Христијан Мицкоски и одржување на вонреден конгрес за избор на нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Барањето на иницијативниот одбор го соопшти поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Весна Дамчевска-Илиевска, на прес-конференција пред партиското седиште.
„Мицкоски ги загуби претседателските избори, ги загуби локалните избори во Охрид и Ново Село. Ги загуби и парламентарните избори. Вистината е дека највиновен е Мицкоски. На Македонија и треба силно ВМРО-ДПМНЕ, а на ВМРО-ДПМНЕ му треба ново и сериозно раководство. На партијата не му треба лидерство кое денес ќе каже едно, а утре спротивно. Тој рече дека ќе поднесе оставка ако ги загуби изборите. Изборите ги загуби, не формираше влада. Затоа ние од иницијативен одбор за промени го повикуваме Мицкоски да си поднесе оставка и да преземе чекори за закажување на вонреден конгрес за избор на нов претседател“, кажа Дамчевска-Илиевска.
Вчера, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски кажа дека би било кукавички Мицкоски сега да даде оставка и додаде дека за нив тоа прашање е завршена работа.