ВРИЕ КОМАРЦИ ВО СКОПЈЕ, ОД ГРАДОТ ВЕЛАТ ИМАЛО МНОГУ ВЛАГА ВО ВЕГЕТАЦИЈАТА, ВО ВТОРНИК ЌЕ ИМА ВОНРЕДНО ПРСКАЊЕ

    ВРИЕ КОМАРЦИ ВО СКОПЈЕ, ОД ГРАДОТ ВЕЛАТ ИМАЛО МНОГУ ВЛАГА ВО ВЕГЕТАЦИЈАТА, ВО ВТОРНИК ЌЕ ИМА ВОНРЕДНО ПРСКАЊЕОд Градот велат дека се прска со најдобриот светски препарат, производство на германската фирма „Бајер“. (Фото: СДК.МК)

    Врие комарци во Скопје и покрај тоа што Градот досега 4 пати прскаше. Само една недела од последното авионско прскање, кое Град Скопје го спроведе минатиот викенд, низ сите населби во градот има наезда на комарци. Од понеделникот до петокот пак се вршеше прскање од земја, но за џабе, комарци има како воопшто да не е прскано. Вонредно прскање е најавено за вторник.

    Од Град Скопје велат дека реакциите на граѓаните се оправдани и објаснуваат дека големата наезда се должи на изразената влага во вегетацијата која придонесува за нивно поголемо размножување.

    „Град Скопје во консултација со надлежните здравствени служби ќе направи уште едно вонредно прскање на комарци во вторник, каде благовремено ќе известиме, пред сè поради пчеларите коишто треба да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите“, велат од Град Скопје.

    На нашето прашање со какво средство се врши прскањето и дали некој од Градот ја контролира фирмата со што прска,  велат дека се прска со најдобриот светски препарат, производство на германската фирма „Бајер“.

    „Прскањето и растварањето на средството се врши согласно упатството на производителот, а под надзор на комуналните служби на Градот“, додаваат од Град Скопје.

    Проблем со наезда од комарците Градот имаше и пред 2 години, кога исто така цело лето во Скопје не можеше да се седи на отворено. Тогаш Градот доцна почна да прска оти на време не го заврши тендерот. Градоначалникот Петре Шилегов тогаш велеше дека врнежливо било времето па затоа се доцнело со прскањето.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира