Африка ќе биде прогласена за област во која што детската парализа е искоренета, што се должи на повеќедецениските заеднички напори на меѓународните здравствени тела, националните и локалните влади и волонтери. Последните случаи биле регистрирани во Нигерија пред четири години, со што оваа болест сега може да се пронајде само во Пакистан и Авганистан.
Детска парализа е заразна болест која се пренесува од човек на човек најчесто преку загадена вода. Таа може да доведе до парализа така што го напаѓа нервниот систем.
Пред една деценија, на Нигерија отпаѓаа повеќе од половина од светските случаи на детска парализа, а денес, повеќе од 95% од населението во Африка се вакцинирани.
Вакцината против детска парализа ја разви д-р Џонас Салк во 1952, а девет години подоцна, Алберт Сејбин го претстави оралниот начин на нејзино примање, кој потоа се користеше во најголем дел од националните програми за имунизација.