ШОН КОНЕРИ И НА 90 ГОДИНИ ОСТАНУВА СИМБОЛ НА МАЖЕСТВЕНОСТА И НАЈДОБРИОТ БОНД

    ШОН КОНЕРИ И НА 90 ГОДИНИ ОСТАНУВА СИМБОЛ НА МАЖЕСТВЕНОСТА И НАЈДОБРИОТ БОНДКонери го глумеше тајниот агент 007 во седум филмови (Фото: Јунајтед артистс)

    Тоа е најславното себепретставување на кој било лик во филмската историја: прво презимето, па името и повторно презимето.

    Шон Конери зад себе имаше неколку помали улоги во британски филмови кога во 1962 година беше избран да го глуми тајниот агент Џејмс Бонд во „Доктор Но“ и тоа не само што го направи голема филмска ѕвезда, туку и го претвори во симбол на мажественоста. Конери, кој денеска полни 90 години, одамна се повлече од тој свет полн со акција и ужива во пензионерските денови, малку на Бахами, малку во Грција, каде што поседува имот.

    Конери на едно од последните јавни појавувања, на тенискиот турнир Ју-Ес опен во 2015 година (Фото: Шатерсток)

    Поранешниот млекар и бодибилдер кој потекнува од работничко семејство седум пати се појави во улогата на тајниот агент 007 и потоа му требаше некое време да излезе од сенката на овој лик. Тоа што снимаше филмови со режисери како Алфред Хичкок, Џон Хјустон и Сидни Ламет му даваше етикета на сериозен актер, а популарноста одново му порасна во 1980-ите, кога освои Оскар за најдобра споредна улога во „Недопирливите“ и ја покажа својата хумористична страна во серијалот „Индијана Џонс“.

    Од 1975 е во брак со мароканско-француската уметница Мишелин Рокебрун (Фото: Гети)

    Во 2003 година го сними својот последен филм „Лигата на исклучителните џентлмени“, кој помина толку лошо, што, наводно, ја забрзал неговата одлука за повлекување од Холивуд, што официјално го објави во 2006.

    „Ако нешто можеше да ме извлече од пензијата, тоа ќе беше нов филм за Индијана Џонс. На крајот заклучив дека ми е презабавно во пензија“, кажа своевремено Конери.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира