Брод со 43-член екипаж кој превезувал речиси 6.000 говеда од Нов Зеланд во Кина се превртел и исчезнал за време на големо невреме во Источнокинеското Море и јапонската крајбрежна стража кажа дека досега е спасено само едно лице. Бродот испратил сигнал за тревога откако бил фатен од тајфунот Мајсак.
Авиони и патролни бродови се вклучени во потрагата по бродот, што го отежнуваат силен ветер и големи бранови. Во екипажот имало 39 Филипинци и по двајца Австралијци и Новозеланѓани.
Јапонската крајбрежна стража објави дека спасила еден Филипинец, кој кажал дека на бродот му отпаднал моторот пред да биде удрен од бран и да се преврти.
Бродот го напуштил Нов Зеланд на 14 август и патувањето требало да трае 17 дена.
„Ќе почнеме втора спасувачка мисија во пресрет на доаѓањето на тајфунот“, кажаа јапонските власти.