КОНСПИРAТИВНА КОНСТРУКТИВНОСТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:70:"ИлијазСабриутренираавтосугестија

    1. Дали Македонија и СР Југославија наскоро ќе се признаат меѓусебно? Во Министерството за надворешни работи немаат таква информација. Дали Мило­шевиќ ќе допатува во Македонија? Во Министерството не располагаат со таква информација. Дали наскоро Белград и Скопје ќе разменат амбасадори? Во Минис­тер­ството немаат поим за такво нешто.
    Она што со сигурност се знае е дека некоја група, предводена од помошникот-министер Огнен Малески, отпатувала во Белград, престојувала таму два дена, се вратила во Скопје и таму водела прелиминарни разговори за нормализација на односите меѓу двете земји. На медиумите им беше испратено едно кусо сооп­штение во кое се вели дека разговорите биле конструктивни. А тоа навистина многу значи.
    По враќањето од Белград на преговарачите им е речено да молчат. Зашто на конструктивните разговори се договориле за некои тајни работи. Воопшто, ова со признавањето со Србија толку тајно го прават, што човек мора да си по­мисли, којзнае што прават. А всушност, којзнае и што прават!?
    Јавноста е веќе научена на тајноста на дејствувањето на Министерството за надворешни работи. И на соопштенијата за конструктивните разговори во спорот со Грција, на пример. Што беа конструктивно конспиративни. Или конспиративно конструктивни, ако сакате. Почитувајќи ја традицијата на конспиративноста, сега се водат такви разговори со Србија.
    Овие во Министерството се за жалење. Нé примија во сите можни органи­зации, се смиривме со Грција, воспоставивме дипломатски односи со Белизе, им остана уште да се признаеме со нова Југославија. Тоа ќе им биде последен историски настан. После сé ќе биде здодевно. И никој веќе нема да ги бара. Секретарките ќе можат да се релаксираат бидејќи нема да мораат да ги кријат своите шефови. За нив веќе нема да има зима. Доаѓа пролет. Белградска пролет.

    2. Нагло се отвораат нови амбасадорски места. Не знам што чека уште Бранко со реконструкцијата. Нема смисла за луѓето, треба да си планираат каде ќе одат. Башка што премногу долго ја држи вратата отворена. Изнастинавме.
    Кој ќе побрза да оди за Австралија има шанси таму да го фати летото. Во Канбера ќе се отвори прво македонско дипломатско претставништво на новиот континент. Сега се бара човек што ќе ги направи пионерските чекори на македонската дипломатија на австралиска почва.
    Историјата вели дека првите чекори таму ги направиле криминалците кои ги испратила британската влада. Ние не сме традиционалисти. Иако честопати знаеме да се правиме англичани.

    3. Ете, на пример, како министерот за социјала Илијаз Сабриу. На пратенич­кото прашање кога ќе им бидат вратени на пензионерите двете заостанати пензии, министерот одговори дека не се работи за две, туку само за една пензија.
    Пензионерите навистина се стари луѓе, ама не се толку излапени да не знаат за кој месец од минатата година ја примиле последната пензија. Ако ништо друго, барем со наочари можат тоа да го прочитаат на последното чекче.
    Во текот на минатата година министерот Сабриу честопати повторуваше дека Владата прави напори на пензионерите да им ја врати барем едната заостаната пензија. Што ти е автосугестија! Човекот толку многу го повторувал тоа така што самиот си се убедил дека пензијата е веќе исплатена.
    Штета што не успеа да ги убеди и пензионерите. Ќе заштедеше една пензија.

    4. Со својата убедливост се потврди кандидатот за пратеник Амди Бајрам. Во преповторено гласање на едно изборно место успеа да направи пресврт и да го победи противкандидатот од Сојузот за Македонија Васил Дрвошанов.
    Сега можат да се прават безброј анализи како се случи при трето гласање, кога обично одзивот на избирачите е најмал, да излезат над 60 од сто од гласачите, да се бара одговор на прашањето како Бајрам во претходниот круг доби само четири, а сега дури 96 гласа од истото избирачко тело. Дополнителен податок за размислување е што изборното место е во Дебар Маало, традиционална градска населба во Скопје во којашто живее средна, ако не и повисока средна класа, која ја сочинуваат државни и банкарски службеници, универзитетски професори, добро ситуирани пензионери и слично, кај кои не можат лесно да поминат приказните за пет литри масло за јадење и 20 килограми брашно, 50 марки во џеб и такви ситници. Освен тоа, во таа населба досега два пати убедливо добиваше кандидат на Социјалистичката партија. Можеби некој ќе се сети и на расправиите во Сојузот за Македонија и тука ќе ја пронајде вината за поразот на Васил Дрвошанов.
    Едно е сигурно. Ова е добра лекција за оние кои се толку уверени во својата победа, па мислат дека кого и да истакнат, граѓаните ќе го изгласаат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира